Шведска очекува „бел чад“ од Турција за НАТО за неколку недели


јенс Столтенберг, Тобијас Билстром и Хакан Фидан на состанокот на НАТО на 28 ноември

 

Тобијас Билстром, шведскиот министер за надворешни работи, утринава им рече на новинарите дека „крајно време е ратификацијата да биде зaвршена од Турција и, се разбира, од Унгарија, и ова беше јасна порака испратена од министрите за надворешни работи“.

Со месеци, Турција и Унгарија ја одложуваат ратификацијата на членството на Шведска во НАТО, поттикнувајќи ја фрустрацијата во воената алијанса.

Говорејќи на состанокот на министрите на НАТО во Брисел, Билстром рече:

„Имаме многу опасен момент за Европа и за светот – и за НАТО како организација. Со влошувањето на безбедноста, а исто така и со војната во Украина, членството на Шведска во НАТО е многу важно за организацијата“.

Билстром рече дека вчера се сретнал со неговиот турски колега Хакан Фидан.

„Тој ми рече дека очекува ратификацијата да се случи во рок од неколку недели. И, се разбира, ништо не земаме здраво за готово од страна на Шведска, но со нетрпение очекуваме ова да се заврши.

И во овој разговор не беа изнесени нови услови, немаше нови барања од турската влада, па гледаме дека нашиот дел е исполнет“, рече тој.

Шведскиот министер, исто така, рече дека министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, повторил дека Унгарија нема да биде последна што ќе го ратификува пристапувањето.

Билстром додаде:

„Тоа значи дека е повеќе во рацете на Анкара отколку можеби на Будимпешта. Очекуваме бел чад од Будимпешта во моментот кога има бел чад од Анкара, многу отворено“.