Швајцарскиот фармацевтски гигант купува американска биотехнолошка компанија за 12 милијарди долари
Швајцарскиот фармацевтски гигант „Новартис“ објави дека постигнал договор за купување на американската биотехнолошка компанија „Авидити Биосајенс“ за приближно 12 милијарди долари (10,31 милијарди евра).
Аквизицијата треба да му помогне на „Новартис“ да го зајакне своето портфолио за лекување на ретки мускулни нарушувања. Програмите на „Авидити“ имаат за цел да се справат со генетските причини за болеста и потенцијално да го забават напредувањето на болеста и да ја вратат мускулната функција.
„Предложената аквизиција треба да обезбеди услови за развој на лекови меѓу најдобрите во секторот. Основата ќе биде експертизата на „Новартис“ во областа на спиналната мускулна атрофија и можностите за комерцијализација во областа на генетските невромускулни заболувања“, се вели во соопштението објавено во недела од швајцарската компанија.
Со „пионерската“ платформа AOC на „Авидити“ за лекови базирани на РНК и нејзините лекови во истражување во доцна фаза, „Новартис“ ќе може да развива иновативни лекови за невромускулни заболувања, заклучи извршниот директор Вас Нарасиман.
Тимот на американската биотехнолошка компанија разви „добри“ програми за администрирање лекови базирани на РНК во мускулното ткиво, истакна Нарасиман.
Програмите се насочени кон генетските причини за болеста и би можеле да го спречат нејзиното ширење, а воедно да ја обноват мускулната функција.
„Авидити“, исто така, ќе го одвои својот оддел за кардиолошки терапии во рана фаза во нова компанија, „СпинКо“, како дел од договорот.
Управните одбори на двете компании едногласно ја одобрија трансакцијата, според која „Новартис“ ќе плати 72 долари (62 евра) по акција на „Авидити“, што е премија од 46 проценти во однос на цената на затворање на крајот од минатата недела.
Се очекува договорот да се затвори во првата половина од 2026 година, под услов да бидат одобрени од регулаторите.
Швајцарскиот производител на лекови објави во април дека планира да потроши 23 милијарди долари (19,78 милијарди евра) за изградба и проширување на 10 објекти во САД во текот на следните пет години.