Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, денеска беше во посета на Општина Аеродром каде зборуваше за неисполнетите ветувања за изградба на парк, но и ја најави својата визија за позелено и поурбано Скопје.
„Денеска се наоѓаме на локација каде што требаше да никне ултрамодерен парк. За жал, и по четири години, оваа површина остана необработена. Аеродром, некогаш една од најзелените општини во Скопје, денес е во запуштена состојба“, изјави Шукова.
Таа нагласи дека запоставеност на зеленилото не е само локален проблем на Аеродром, туку за жал, опфаќа голем дел од скопските општини.
„Мојата визија е Скопје што позелено, но и со одржување не само со градење на нови паркови кои потоа ќе бидат оставени на забот на времето. Затоа во мојата програма предвидуваме изградба на 15 нови паркови за 15 месеци, но и сериозна рехабилитација на постојните зелени површини“, потенцираше Шукова.
Парковите, како што најави, нема да се градат исклучиво во центарот, туку и во урбаните населби и периферијата таму каде што најмногу недостига зеленило.
„Имаме мапирање на 15 локации дел ќе бидат нови паркови, дел целосно ќе се ревитализираат. Најмногу ќе се фокусираме таму каде што урбанизацијата е најголема и каде што зеленилото најмногу фали“, додаде таа.
Шукова нагласи и дека унапредувањето на зелената инфраструктура е директно поврзано со намалување на загадувањето.
„Знаеме дека Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа. Зелените површини се природен филтер за ПМ-честичките и мора да станат приоритет. Парковите не се луксуз тие се неопходност за здравје и квалитет на живот“, рече таа.
Во програмата на Шукова се предвидени и мерки за поддршка на домаќинствата во борбата против аерозагадувањето, вклучително и бесплатни филтри за оџаци.
Таа се осврна и на проблемот со уличните кучиња, за кој рече дека има сериозен план.
„Покрај активностите на ‘Лајка’, сметаме дека треба да се направи ново државно прифатилиште, поголемо, коешто може да го реши сериозно проблемот со уличните кучиња.
„Ќе разговараме со ветеринарните станици, разговаравме со здруженијата на граѓани коишто помагаат во овој процес. Потребно ни е повеќе вакцинација, повеќе чипирање, повеќе стерилизација, мораме на хуман начин да го решиме проблемот со уличните кучиња. Секако, мора да разговараме и за една тема којашто е сериозна за граѓаните на Скопје – крематориум за домашните миленичиња. Покрај тоа што мораме да го решиме проблемот со уличните скитници, мора да размислуваме и на домашните миленичиња и на еден хуман третман и во однос на едните и во однос на другите“, подвлече таа.
На новинарско прашање, кое е најитното решение што треба да се направи за загадувањето во Скопје, Шукова одговори дека треба да се почне со сериозна работа со домаќинствата.
„Согласно сите анализи, 50 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата и мора да им се помогне. Предвидовме неколку мерки во програмата, за тоа ќе говорам наредните денови, но еве ќе спомнам нешто и денеска. Предвидовме бесплатни филтри за оџаците за домаќинствата. Ова е пракса којашто е спроведена во многу европски градови и покажа резултати. Секоја година од 5 до 10 илјади домаќинства, односно за нивните оџаци каде што излегуваат голем дел од ПМ честичките, да им се постават филтри кои ќе ги задржуваат ПМ честичките. Мислам дека ова е добра и сериозна мерка која ќе го намали загадувањето на Скопје, а паралелно со ова ќе мора да се работи и со самомониторинг на индустријата за да им покажеме на граѓаните какво загадување доаѓа од индустријата“, рече Шукова.