Шукова: Преземањето на Попова Шапка од италијанскиот инвеститор е процедура која сè уште е во тек


Една година по изборот на стратешки инвеститор за Попова Шапка сè уште траат процедурите за одобрување на преземањето на ски-центарот од страна на италијанската компанија, информираше денес од Тетово, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Таа цени дека процедурите одат во добар правец овој проект кој лани во ноември го најави нејзиниот претходник.

– Утре, во рамките на процесот за одобрување на стратешката инвестиција има состанок во Министерството за финансии, a ќе се разгледува уште еднаш овој проект. Јас мислам дека оди во добра насока. Јас се надевам дека се исполните сите услови коишто инвеститорот треба да ги обезбеди за да може Владата, а потоа и Собранието да одобри ваков стратешки проект, рече Каја Шукова од Тетово каде беше во посета на Национален парк Шар Планина.

На новинарско прашање што е направено за оваа измината цела година, Шукова рече дека се работело со разгледување на законите и документите.

– Процес е, мора да помине, се собираат мислења од ресорните министерства, треба да се видат повеќе аспекти, треба да се види еколошкиот, економскиот, социјалниот, значи не е едноставно, тоа не е само со поднесување на барањето да биде одобрено и на Влада и на Собрание. Меѓутоа мислам дека е при крај, ќе се донесе одлука дали ги исполнил условите инвеститорот и дали може да се случи договор за стратешка инвестиција којшто би го поминала Владата, а потоа и Собранието, рече Шукова

Според неа од страна на државата исполнети се условите за давање на ски-центарот на стратешкиот инвеститор.