Шукова: Ќе формираме нова служба во Градот само за собирање кабаст отпад


Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска најави целосна реформа на системот за собирање отпад во главниот град.

„Ќе воведеме паметен систем по теркот на европските градови – со нова механизација и GPS рутирање на возилата, за точно да се знае каде е полно и каде треба да се собира отпадот. Ова ќе биде систем без импровизации и без доцнења“, порача Шукова.

Дополнително, најави двојно зголемување на бројот на контејнери во сите скопски населби,  канти за складирање на отпадот, како и нови возила, бидејќи постојните се многу лоша состојба.  Според неа, хаосот во Скопје е резултат на четиригодишната блокада и саботажа од ВМРО-ДПМНЕ, кои го контролирале ЈП Комунална хигиена и го оставиле градот да „скапува во смет и депонии“. 

Таа додаде дека ова не е дел од празна предизборна реторика, туку реален, конкретен и остварлив план за долгорочно решение за чисто Скопје.
 

„Скопје е нашиот дом. И конечно, ќе почне да личи на тоа”, порача Шукова.

Заедно со кандидатот за градоначалник за Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски и претседателот на партијата Венко Филипче го посетија депото во Општина Центар, каде што се возилата со кои се собира сметот во оваа општина. Шукова истакна дека  граѓаните треба да се потсетат оти четири години ВМРО ДПМНЕ управуваше со градот Скопје и со Комунална хигиена. Таа истакна дека како резултат нивното препукување со актуелната градоначалничка Данела Арсовска доведе до хаос и трупање на смет во градот Скопје.

-Сега ветуваат дека Орце Ѓорѓиевски за 72 часа ќе го исчисти градот Скопје. Тоа се нереални ветувања. За разлика од Орце Ѓорѓиевски јас имам реален план како да се исчисти градот Скопје. Ние зборуваме за ново паметно решение, коешто ќе значи нова опрема и ќе значи џипиес комуникација со опремата во Скопје, односно да знаеме во реално време дали ни се полни контејнерите и кога треба да се празнат, вели Шукова.

Посочи дека еден од големите проблеми на граѓаните на градот Скопје е кабастиот отпад, којшто мора да се реши, а во нивната програма нудат и решенија.

-Сметаме дека програмата која што ја нудиме на граѓаните за Град Скопје ќе биде ефикасна и нема да има доцнење во собирањето на отпадот во градот. Нудиме ефикасен систем, којшто покрај сите овие функции ќе има и функции за селектирање и намалување на количните на отпад, секако и за расчистување на дивите депонии, изјави Шукова.

Таа  додаде дека системот за управување со отпад е комплексен, бара работа и соработка меѓу сите институции.

Кандидатот за градоначалник за Општина Центар од СДСМ, Герасимовски рече дека денеска Шукова и Филипче ги запознал со сето она што го правел во изминатите четири години, а треба да го реализира градот.

– Денеска им посочив за нашата нова механизација, која е изнајмена минатиот период се со цел хигиената ја издегнеме на повисоко ниво и да не дозволиме Центарци да се угушат во ѓубре. Она што го правиме изминатите четири години продолжуваме и во наредниот нов мандат, каде што планираме дополнителна механизација, со две нови цистерни и пет нови метларки, се со цел да го зголемиме нивото на хигиена во Центар и да биде на највисоко ниво, вели Герасимовски.