Што ѝ порачаа децата на Владата на средбата со Мицкоски и министрите?


Денес, на Светскиот ден на детето, децата и адолесцентите ја предводеа дискусијата на средба со Владата на високо ниво, каде што ги споделија гледиштата за три мега-трендови што ја обликуваат иднината на децата: климатската криза, напредните технологии и демографските промени.

Околу 45 деца на возраст од 13 до 17 години од целата земја се сретнаа со премиерот Христијан Мицковски и со министрите за животна средина и физичко планирање, за финансии, за енергетика, рударство и минерални суровини, за образование и наука, за социјална политика, демографија и млади, за локална самоуправа, со министерот задолжен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите, со заменик-министерот за здравство, заменик-министерот за информатичко општество и дигитална трансформација и со други функционери, меѓу кои и со претставничката на УНИЦЕФ.

Застапниците за детски права ја започнаа дискусијата за климатските промени и за нивното влијание врз децата. Побараа подобар систем за следење на загадувањето на воздухот и санкции за главните индустриски загадувачи; распределба на буџетот за зелени иницијативи, како што се зелената инфраструктурата и зелените активности предводени од младите; поддршка за велосипедски патеки, субвенции за велосипеди, подобрен јавен транспорт, пошумување и урбани зелени простори. Исто така побараа поголема поддршка за алтернативни извори на енергија и иновативни методи за управување со отпад. 

Децата кои зборуваа за напредните технологии побараа инвестиции во дигиталната инфраструктура во сите училишта, особено руралните; обука за дигитална писменост; регулирање на етичката употреба на ВИ во образованието со фокус на приватноста на учениците и дигитална база на податоци со ресурси што им се достапни на децата со попречености. Во контекст на здравството, децата предложија широка автоматизација на управните постапки во сите болници; регулативи за заштита на приватноста на пациентите; и употреба на ВИ за напредна анализа на податоците за здравјето на популацијата со цел да се спречат потенцијалните здравствени ризици и да се создадат здравствени политики.


Размислувајќи за демографските промени и нивното влијание врз животот на децата, застапниците за детски права се фокусираа на движењето на населението и на одлевањето на мозоци. Побараа повеќе можности за работа и подобра економска и општествена стабилност за сите; еднаков пристап до квалитетно образование, здравствена нега и социјални услуги за сите деца, без оглед на тоа каде живеат; подобра поддршка за квалитетно образование; и повеќе културни и спортски активности во локалните заедници.

„Денес имавме можност да ги споделиме визиите, надежите и предлозите за подобра иднина со сите вас што имате можност и одговорност да ги претворите овие визии во реалност. Оваа можност не ја користиме само за да се чуе што мислиме, туку и да подвлечеме дека имаме конкретни идеи и решенија со кои нашето општество може да се развие и да стане поправично,“ заклучи 17-годишната застапничка Касија.

„Денеска ги имав можеби најважните соговорници од моето неколку месечно претседателствување со Владата, тоа се децата. Денес кога се одбележува светскиот ден на децата, заедно со нашите партнери од УНИЦЕФ одржавме заедничка Влада каде дискутиравме за положбата и правата на децата,” рече премиерот Христијан Мицкоски.

„Ова е ден кога не смееме само да зборуваме, туку и да делуваме. Владата, граѓанските организации, наставниците, родителите и секој поединец имаат улога во оваа борба. Затоа, нашата цел е: да создадеме образовни програми што ќе ги инспирираат нашите деца да бидат лидери на утрешнината; да поддржуваме политики што гарантираат социјална заштита за сите деца, особено за најранливите; да ги слушаме децата, да ги охрабруваме да го кажат своето мислење и да ги вклучиме во процесите на донесување одлуки.”

„Нашата тема за дискусија ’Слушнете ја иднината’ ја отсликува суштината на Светскиот ден на детето. Со неа се потврдува дека денешните деца се иднината на земјата и се потенцира колку е битно да се чујат нивните идеи за иднината што ја замислуваат за себе и за идните генерации,“ рече Лесли Милер, претставничката на УНИЦЕФ. “Целта на ’Слушнете ја иднината’ е исто така да погледнеме подалеку од блиската иднина, да ги предвидиме предизвиците и можностите што нѐ очекуваат, и да преземеме чекори веднаш за да создадеме подобар свет за секое дете.“

Северна Македонија подготвува неколку клучни национални стратегии, меѓу кои се  Националната стратегија за образование, Стратегијата за ИКТ, Националната стратегија за кибер-безбедност и Национално утврдениот придонес НУП 3.0. Со тоа што ги вклучува согледувањата на децата и со тоа што продолжува да води дијалог со нив, државата има за цел да обезбеди нивните гледишта да бидат земени предвид при изработката на сите политики и стратегии што влијаат врз животот на децата.