Што знаеме за Кавасаки, реткото заболување што се поврзува со Ковид-19 кај децата


Истражувањата имаат за цел да дешифрираат што е тоа што кај новиот коронавирус може да ја предизвика оваа сериозна состојба, како да се третира и како може да помогне подобро да се разбере вирусот

Ретката болест слична на Кавасаки ги погодува децата кои имаат антитела на коронавирус, покажува истражувањето објавено во списанието „Лансет“ во Италија

Лекарите во 17 држави на САД известуваат дека најмалку 164 деца се разболеле од ретка воспалителна болест слична на состојбата позната како болест Кавасаки. Симптомите вклучуваат треска и воспаление и можат да ги погодат органите, вклучително и срцето. Некои од децата биле тестирани позитивни на Ковид-19 или имале антитела на вирусот, а три починаа.

Американската сојузна држава Њујорк досега има пријавено 102 случаи на педијатриски воспалителен синдром, со 29 отсто од случаите во кои се вклучени деца на возраст од 5 до 9 години и 28 отсто на возраст меѓу 10 и 14 години.

Кластери на заболувањето се појавија и во други жаришта со Ковид-19, вклучувајќи ги Калифорнија, Њу Џерси и Илиноис. Потенцијално смртоносниот синдром исто така влијае на мал број на деца во други земји, вклучително и Велика Британија, Шпанија и сега Италија.

Една нова студија од Италија објавена деновиве во медицинскиот журнал „Лансет“, ги детализира случаите на 10 деца кои се појавиле со оваа состојба за време на избувнувањето на Ковид-19 таму. Осум од 10 деца биле тестирани позитивно со тест за антитела за вирусот САРС-КоВ-2 што предизвикува Ковид-19.

„Нашата студија го дава првиот јасен доказ за поврзаноста помеѓу инфекцијата САРС-КоВ-2 и оваа воспалителна состојба и се надеваме дека ќе им помогне на лекарите ширум светот, додека се обидуваме да се справиме со овој непознат вирус“, вели Лоренцо Д’ Антига, главен автор на студијата од Болницата Папа Џовани XXIII во Бергамо, Италија.

Лорен Хендерсон, лекарка во детската болница во Бостон и доцент за педијатрија на Медицинскиот факултет на „Харвард“, студијата ја нарече „многу важна“.

Овој труд – и другите тековни истражувања – имаат за цел да дешифрираат што е тоа што кај новиот коронавирус може да ја предизвика оваа сериозна состојба, како да се третира и како може да ни помогне подобро да го разбереме самиот вирус.

Што е болеста Кавасаки?

Првично забележана во Јапонија во 1960-тите години, болеста Кавасаки е предизвикана од високи нивоа на воспаление и може да доведе до проблеми во крвните садови и во срцето, меѓу другите места во телото, а повремено да предизвика синдром на токсичен шок и смрт.

Лекарите се соочуваат со случаи на слична болест – особено во области со неодамнешни или тековни избувнувања на Ковид-19

Традиционалните симптоми може да вклучуваат постојана висока температура, осип на кожата, конјуктивитис, отечени раце и нозе и испукани усни. Нема тест за состојбата, така што лекарите се потпираат на овие симптоми и на други лабораториски тестови за да утврдат дали детето веројатно го има заболувањето. Првенствено е педијатриска состојба, иако можат да заболат и возрасните.

Кога болеста Кавасаки ќе се идентификува и ќе се третира навремено, обично може да се лекува. Лекарите обично применуваат третман со антитела, а понекогаш и стероиди и други лекови, како што е аспирин.

За среќа, болеста Кавасаки обично е многу ретка, така што годишно погодува само околу 21 дете на возраст под 5 години на 100.000 лица во САД.

Но, сега лекарите се соочуваат со случаи на слична болест – особено во области со неодамнешни или тековни избувнувања на Ковид-19. И раните извештаи покажуваат дека овие пациенти имаат потешко заболување од просечните случаи.

Зошто се чини дека новите случаи се различни

Авторите на новата студија во „Лансет“ ја нарекуваат „болест слична на Кавасаки“, признавајќи дека е многу рано да ја разберат – и како е поврзана со Ковид-19. Експертите во САД состојбата ја нарекуваат „педијатриски мулти-системски воспалителен синдром потенцијално поврзан со Ковид-19“. Си-Ен-Ен известува дека центрите за контрола и превенција на болести ќе обезбедат „дефинирање на работен случај“ и ќе испратат предупредување до докторите да бидат на претпазливи за оваа болест.

Кај 10-те пациенти во Италија, лекарите откриле антитела на вирусот кај осум деца – од кои три исто така имале тековна инфекција. Авторите, исто така, се сомневаат дека барем едно од другите две деца можеби имало лажни негативни резултати на антитела поради проблеми со тестовите.

Како дел од анализата, авторите ги споредија неодамнешните пандемични случаи со податоците за 19 пациенти кои биле лекувани изминатите пет години. Иако студијата беше мала, тие пронајдоа неколку клучни и загрижувачки модели што ги разликувале пандемичните пациенти од другите со Кавасаки болест во минатото.

Една клучна разлика е што „пациентите со (оваа болест) и со Ковид-19 биле поболни и имале различни абнормалности кај лабораториските тестови од оние пред новиот коронавирус да стигне во областа, изјави Хендерсон за „Вокс“. „Ова ни кажува дека децата со Кавасаки-болест и Ковид-19 не можат да бидат баш како другите класични пациенти со Кавасаки.

На пример, истражувачите откриле дека обично околу 10 отсто од нивните претходни пациенти со Кавасаки имаат проблеми со срцето (откриено со абнормални ехокардиограми), во споредба со 60 отсто кај пандемичните случаи.

Поголема е веројатноста поновите пациенти да имаат и сериозен воспалителен одговор познат како синдром на митохондријално активирање, што, како што забележуваат авторите на студијата, „е форма на цитокинска бура“. (Цитокинска бура се екстремни имуни реакции во организмот, кои се посочени како виновници кај критични возрасни пациенти со Ковид -19.)

Децата дијагностицирани за време на пандемијата имаат тенденција да бидат постари од децата што обично ги лекувале претходно

Лекарите исто така откриле дека им е потребно неодамнешните пациенти да ги лекуваат со повеќе лекови за да им помогнат да закрепнат.

Децата дијагностицирани за време на пандемијата, исто така, имаат тенденција да бидат постари (просечна возраст од 7,5 години) од децата што обично ги лекувале претходно (кои имале просечна возраст од 3 години). Всушност, Кавасаки болеста обично се појавува кај деца помлади од 5 години. Но, во оваа нова група, пациентите биле на возраст од 5,5 до 16 години.

Како е поврзана оваа воспалителна болест со Ковид-19?

И покрај тоа што со децении ја проучувале болеста Кавасаки, истражувачите сè уште не знаат што точно ја предизвикува. Дури и пред Ковид-19, работна хипотеза е дека го предизвикува незадржлив имунолошки одговор – можеби во комбинација со генетска предиспозиција. Претходните истражувања дури бараа докази за други коронавируси кај пациенти со Кавасаки, но генерално доказите главно се слабо поврзани.

Новите модели што се појавуваат на места со сериозна појава на Ковид-19, сепак, се значајни. И покрај тоа што италијанската студија беше мала, истражувачите забележаа дека стапката на случаи слични на Кавасаки во нивната болница во центарот за избувнување на Бергамо скокнала 30 пати од вообичаената стапка во месецот што го проучувале.

Времето е исто така интересно за истражувачите. „Ако ги погледнете кривите, Ковид-19 се израмни, но постои експоненцијален пораст на овој секундарн вид на шок синдром“, се вели во соопштението на Џејн Њубургер, кардиолог во детската болница во Бостон. „Дури е можно антителата што децата ги создаваат на САРС-КоВ-2 да предизвикуваат имунолошка реакција во организмот. Никој не знае.”

Според Хендерсон, „ќе биде многу важно за другите студии да се реплицираат овие резултати во други центри. Уште поважно за лекарите е да вклучат деца во идните студии за да ги добијат најдобрите можни информации за оваа болест“.

Истражувачите исто така се заинтересирани како ова може да разјасни некои важни прашања за самиот вирус – и како би можеле да се бориме против него во пошироката популација.

На пример, „ако ова е феномен поврзан со антитела, може да има импликации за студии за вакцини и може да објасни зошто некои деца се разболуваат со Ковид-19, додека повеќето не се засегнати или се асимптоматски“, напишаа Расел Винер, претседател на Кралскиот колеџ за педијатрија и здравје на децата и Елизабет Витакер, секретар на британската група педијатри за алергија, имунитет и инфекција , во заедничкиот коментар во „Лансет“.

Важно е родителите да го побараат својот педијатар доколку нивното дете има висока телесна температура, осип, значителна болка во стомакот, постојано повраќање, постојана дијареја или кој било друг поврзан симптом што загрижува

Досега се евидентирани најмалку три деца кои починале од оваа воспалителна болест во државата Њујорк. Сите 10 деца во италијанската студија оттогаш се опоравиле доволно за да бидат пуштени од болницата, иако за време на објавување на студијата сè уште земале лекови. И истражувачите велат дека во наредните неколку месеци е предвидено сите да направат ЕКГ за да се провери функцијата на нивните срца.

Сепак, истражувачите тврдат дека наодите откриваат клучна потенцијална последица од инфекции со Ковид -19 кај деца.

„Врската помеѓу САРС-КоВ-2 и болеста слична на Кавасаки треба да биде земена во  предвид кога станува збор за разгледување на политики за социјална реинтеграција на педијатриската популација“, пишуваат авторите во „Лансет“.

На сослушувањето во сенатскиот комитет во вторникот, д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и заразни болести, исто така, истакна дека има многу непознати со Ковид-19, „особено кога станува збор за децата… Ние навистина мора да бидеме многу внимателни затоа што сè повеќе учиме, гледаме што може да направи овој вирус“.

Како што изјави Хендерсон за „Вокс“, „како и за секоја инфекција, важно е родителите да го побараат својот педијатар доколку нивното дете има висока телесна температура, осип, значителна болка во стомакот, постојано повраќање, постојана дијареја или кој било друг поврзан симптом што загрижува“.

Но, таа и другите лекари истакнуваат дека и покрај зголемената инциденца на педијатрискиот синдром, состојбата сепак е прилично ретка и „веројатно нема да погоди повеќе од едно на 1.000 деца изложени на САРС-КоВ-2“, пишуваат авторите во „Лансет“. Хендерсон додаде: „повеќето деца со Ковид-19 поминуваат многу добро и имаат благи симптоми“. (Вокс)