Што тргна лошо кај еврообврзницата?

Дали државата ќе има време да организира нова аукција имајќи во предвид дека старата еврообврзница од 2016 година стасува во јули годинава


 

Наместо очекуваните 600 милиони евра на девизната сметка на државата, колку што требаше да се добијат од издадената, а потоа и откажана еврообврзница, земјата влезе во нова неизвесност околу обезбедувањето средства за враќање на старите долгови, како и бран дебати колку (ќе) ја чини државата оваа финансиска авантура.

Од Владата и од Министерството за финансии ја смируваат топката и велат дека станува збор за процедура и нема ништо суштински да се промени, односно дека нема да страда кредитниот рејтинг на земјата, како и дека аукцијата ќе се повтори. Финансиски експерти, пак, како и поранешни високи функционери во Министерството за финансии, велат дека откажувањето на еврообврзницата фрла дамка врз нашата земја и довербата која тешко се стекнува кај меѓународните финансиери. Дотолку повеќе што станува збор за деветта еврообврзница која што ја издава земјата, па целата постапка и синхронизирањето меѓу клучните ресори, (а тука секако спаѓаат министерствата за финансии и за правда, но и Владата), мораше да се спроведе мазно.

Сепак, работите тргнаа во непосакувана насока.

Што е она што до сега се знае како фактографија?

Од официјалните соопштенија, редоследот на постапките бил ваков:

  • Прво, на владина седница одржана на 06.02.2023 се носи одлука за максимално задолжување од 800 милиони евра преку издавање на еврообврзница.
  • На 08.02.2023 година Министерството за финансии ја издава деветтата еврообврзница, која треба да котира на Лондонската берза за хартии од вредност.
  • Вредноста на издадената обврзница изнесува 600 милиони евра, средства со кои треба да се вратат долгови кои произлегуваат од еврообврзница издадена во 2016 година (450 милиони евра главница и 25 милиони евра камата).

Дополнително, парите од еврообврзницата требаше да покријат и дел од другите кредитни обврски на државата, а кои вкупно за годинава изнесуваат 594 милиони евра главница и 138 милиони евра камати.

Купонската камата изнесува 6,25 отсто, но со износот за премија вкупниот трошок за еврообврзницата се искачува на 6,5 отсто. Рокот на враќање е четири години.

  • Министерството за финансии на 13.02.2023 година до Министерството за правда испраќа барање за потпишување на правно мислење за еврообврзница.
  • Барањето во Министерството за правда е евидентирано на 15.02.2023 година. На тој ден потпишаните три примероци требало да бидат вратени во Министерството за финансии.
  • Во Собранието во тек е расправа за реконструкција на Владата. Едно од министерствата кое што ќе добие нов министер е Министерството за правда.
  • Министерот за правда Никола Тупанчески до Владата поднесе оставка од функцијата на 10.02.2023 година.
  • Собранието ја констатираше оставката и престанувањето на функцијата министер за правда на седница на 13.02.2023 година, истиот ден кога Министерството за финансии го упатило барањето до Министерството за правда.
  • Од 14.02.2023 година, Никола Тупанчески е во работен однос на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“.
  • На 15.02.2023 во попладневните часови Министерството за финансии соопштува дека „целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда“. Никаде не се спомнува зборот откажување на еврообврзницата, иако се вели дека ќе биде потреба нова аукција.

По ваквиот развој на настаните, очекувани беа реакциите на опозицијата која ја обвини власта за неспособност и за рушење на угледот на државата пред меѓународните кредитори, како и за нанесување штета од откажувањето на еврообврзницата.

Дополнително, во текот на вчерашниот ден луѓе кои се вклучени во тргувањето со хартии од вредност, тврдеа дека иако неиздадена, со македонската еврообврзница веќе почнало да се тргува на секундарниот пазар на берзата во Франкфурт. Тоа подоцна го демантираа од Министерството за финансии, но сепак, како што велат финансиски експерти, доколку тоа се случило, уште повеќе ќе ги комплицира работите во односите со банките кои ја запишале, односно купиле обврзницата, и очекувале да остварат одредени приноси.

„Независен“ упати неколку прашања до Министерството за финансии околу идната нова аукција, за влијанието врз каматата/цената на обврзницата, потоа дали во идната постапка ќе се бараат повеќе или помалку средства, дали државата ќе плаќа пенали и сл.

„Продолжувањето на постапката за издавање на еврообврзницата, како што соопштивме, се должи на внатрешна постапка, која бара и мислење на министерот за правда. На 13 февруари четворица министри поднесоа оставки до Собранието, меѓу кои и министерот за правда, соодветно нема вршител на должноста во моментот“, се вели во одговорот од Министерството за финансии до Независен.

Од таму додаваат дека агентите и инвеститорите беа навремено известени за административната пречка во процедурата.

„Издавањето на еврообврзницата (аукција) ќе биде завршено веднаш штом биде назначен нов министер за правда од страна на Собранието, за што изразуваме верување дека политичките чинители ќе го имаат предвид и нема да се оддолжува процесот. Средствата од деветтата еврообврзница се наменети за рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2016 година, која доспева во јули годинава“, велат од МФ.

Од Министерството ја појаснуваат и процедурата за издавање на еврообврзница, како и дали евентуално државата ќе треба да плати пенали за повлекувањето на еврообврзницата.

„Еврообврзницата е државна обврзница деноминирана во евра, која државата ја издава на меѓународен пазар на капитал, преку овластени агенти-банки на инвеститори (банки, фондови). Како и државните обврзници на домашен пазар, еврообврзницата се продава на аукција, по што се врши запишување на истата од страна на инвеститорите, на нивно име. По ова инвеститорите на годишна основа добиваат отплата на купонската камата или пак ја тргуваат/препродаваат еврообврзницата на секундарниот пазар. Поради запазување на интерната постапка, процедурата за издавање на еврообврзница во земјава (обезбедување на мислење и од страна на министерот за правда, функција која во моментот нема врштител), инвеститорите ја немаат запишано еврообврзницата – следствено не можеле да тргуваат со неа на секундарниот пазар, како што се појавија одредени тврдења. Следствено, неточни се и тврдењата за барање отштета и пенали“, категорични се од Министерството за финансии.

Од таму додаваат и дека на пазарите на капитал тековно нема промени од аспект на каматите на пазарот, па поради тоа не би шпекулирале со очекувања за каматната стапка, бидејќи тоа се пазарно чувствителни информации.

„Ќе истакнеме само дека довербата на инвеститорите во економските политики на Владата е силна, што се огледа од нивната побарувачка за еврообврзницата која беше за 2,5 пати повисока од понудата на аукцијата која беше одржана. Имено, ние понудивме 600 милиони евра, тие сакаа да запишат милијарда и петстотини милиони евра, но останавме на понудената сума од 600 милиони евра“, се вели во одговорот од Министерството за финансии.

Исто така, од Министерството се категорични дека шпекулациите за намалување на кредитниот рејтинг се целосно неточни.

„Кредитниот рејтинг е комплексна оценка на низа макроекономски и политички критериуми, a најдобар доказ за мислењето на инвеститорите е побарувачката која беше исклучително висока“ посочија за „Независен“ од Министерството за финансии.

Една од дилемите кои што се јавија во јавноста е дали државата ќе има време да организира нова аукција имајќи предвид дека старата еврообврзница од 2016 година стасува во јули годинава. Според финансиските експерти и поранешни функционери, доколку нема некоја посериозна блокада во Собранието околу изборот на новиот состав на владата, време секако ќе има. Но укажуваат дека штетата сепак е направена и дека сигурно има и финансиски трошоци кон странските консултанти и агенти, па и кон кредиторите, кои можеле да се избегнат доколку во Владата биле подобро синхронизирани.

Грешката е направена, но како што укажуваат финансиските експерти, последиците ќе бидат минимални, доколку работите околу избор на новата влада завршат брзо, по што новиот министер за правда ќе има мандат да ги потпише трите примероци на барањето на издавање еврообврзница. Во спротивно, укажуваат, последиците ќе бидат многу посериозни.

Како што посочи еден од соговорниците, не треба да се заборави дека финансиските пазари знаат да бидат немилосрдни. Тоа на најдиректен начин го почувствува поранешната британска премиерка Лиз Трас која поднесе оставка од функцијата по само 45 дена, поради економските и фискални политики кои предизвикаа бура на финансиските пазари. Македонија, секако е светлосни години од влијанието врз финансиските пазари, но и далеку помала сметка може скапо да ја чини земјата, велат нашите соговорници.