Што содржи долгоочекуваниот скрининг извештај за Македонија?
ЕК оценува дека т.н. „Балансер“ повеќе не ги исполнува целите. Имотот стекнат на криминален начин да се одзема - дури и ако е во странство
Европската комисија го објави нацрт на скрининг извештајот за Македонија кој се однесува на главното преговарачко поглавје „фундаментални права“, кое ги допира и бугарските барања. Извештајот треба да биде прифатен од земјите членки откако ќе го разгледаат и евентуално ќе искажат забелешки, но од она што може сега да се прочита разликата меѓу него и годишните извештаи на ЕК за Македонија за темата на права на малцинствата – не е голема ниту пак суштинска.
Во извештајот уште на почетокот, во Преамбулата, се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка се „суштински дел на процесот на проширување“, констатација што веројатно не би била токму тука, да не се притисоците од Бугарија. Притоа се додава дека, според членот 47 од Преговатрачката рамка со Македонија, Европската комисија ќе даде посебно значење на македонската определба за исполнување на овие два услова. Тоа што следи натаму, е исто како и досега.
Во извештајот, по скринингот на нашата состојба со човековите (и наедно етнички) права стои дека нашата „правна и институционалната рамка е делумно усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди за основните права“.
„Правната рамка, вклучувајќи ги и правата на луѓето кои припаѓаат на малцинствата, во голема мера е воспоставена, но имплементацијата треба да се зајакне за да се гарантира целосното уживање на човековите права во пракса, особено во однос на доследното адресирање на препораките на меѓународните тела за следење на човековите права“, стои во документот. Потоа се набројуваат различните видови права, родови, права на притвореници, на затвореници, на деца… до етничките, при што за нив стои дека треба „да се зајакне капацитетот и независноста на институциите задолжени за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците“, со заклучок:
„Северна Македонија се обврза да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да ги вклучи граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи“.
Нешто повеќе се бара во делот на говорот на омразата каде што се оценува дека е „потребна ревизија на кривичниот закон“ за да се вклучат одредби за борба против него. Таа ревизија, според наодот во скрининг извештајот на ЕК, „треба да е на линија на директивата на Европскиот совет 2000/43 која обезбедува еднаков третман за лицата без оглед на расното или етничко потекло“, што асоцира дека такво нешто нема во нашата држава. Натаму стои дека правната рамка за гонење на говорот на омразата треба да се унапреди во согласност со Генералната препорака број 15 против расизам и нетолеранција на Советот на Европа, да се засили евиденцијата за случаите со говор на омраза и да се обучат структурите вклучени во неговото гонење, за да се осигура дека инцидентите со говор на омраза и криминал од омраза ќе бидат навреме откриени и ефективно истражени, а одговорните исправени пред правдата – очигледно за да биде задоволена Бугарија.
Во однос на правата на заедниците (термин што ЕК го прифаќа од нас, место малцинства) се препорачува натамошно работење на интегрирање на општеството и на стратегијата „Едно општество за сите“, со обезбедување на доволна политичка поддршка и адекватно финансирање за да се промовира мултиетничкото општество, но
Многу поинтересни се забелешките во делот за корупцијата и одземањето на имотите, каде што стои дека нашата држава треба да донесе нов закон со кој ќе се одзема имотот на криминалците, па дури и ако ги кријат во странство.
„Конфискацијата на криминални средства не се користи доволно во кривичната постапка. Не постои стратешки или систематски пристап за идентификување и конфискација на криминални средства лоцирани во странство или недостапни. Конфискацијата на криминалните средства треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата“, стои во скрининг извештајот.
За имплементацијата на стратегијата за борба против корупцијата стои дека е многу бавна, дека се остварени само 10 отсто од активностите планирани до 2020 година, дека има јасен недостиг на политичка волјка во институциите за тоа, дека продолжуваат да се истражуваат и отвораат судски случаи за високопрофилна корупција, но дека бројот на тие што завршиле успешно е ограничен, односно дека има дискрепанца меѓу бројот на покренати и бројот на завршени судења, при што многу од нив застареле пред да дојдат пресудите. Оценката притоа е дека корупцијата е широко распространета во многу области на јавниот и финансискиот живот и предизвикува и натаму сериозна загриженост во ЕК. Затоа, зголемувањето на бројот на изречени преасуди станува стратегиски приоритет за ЕК.
Недостиг на политичка волја се регистрира и околу реформата на јавната администрација, иако се забележува дека е подготвена законската регулатива. Според извештајот, постои нефер разлика во платите, нетранспарентност за износите, а додатоци на платата се даваат без јасни критериуми. Особено критичен е делот на т.н. „Балансер“ кој, според оценката во извештајот, „повеќе не ги исполнува целите, бидејќи процентот во формулата не ги одразува пописните податоци за населението“.
„Паралелните процедури за регрутирање поставени за зголемување на вработеноста на малцинствата во јавниот сектор може во нивната примената да ги поткопаат принципите на заслуги, ефективност и правична застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на нивните вработени според потребите, следејќи ги барањата за правична застапеност“, стои во оценката. (С.Ј.)