Што се случува со КАМ маркетите, пломби и жолти ленти на објектите

Од КАМ преку штуро соопштение до медиумите велат дека во моментов има инспекциски надзор. Во текот на денот очекуваат маркетите да продолжат со редовното работење


 

Граѓаните кои денеска се упатија да пазарат од КАМ маркетите беа затечени и збунети од глетката пред повеќе продажни места на оваа компанија, наидувајќи на жолти ленти од Управата за јавни приходи, а некаде информација дека се прави „попис“. 

Од КАМ, преку штуро соопштение до медиумите велат дека во моментов има инспекциски надзор.

„Ве известуваме дека во моментот се врши инспекциски надзор во КАМ маркетите. Се работи за редовна контрола. Оние објекти кои во моментот не работат се затворени заради обезбедување услови за непречено одвивање на работата на инспекторите: спроведување попис и останати потребни активности. Во текот на денот, очекуваме КАМ маркетите да продолжат со редовното работење“, соопштија од КАМ.

Сепак, ваквата ситуација доаѓа непосредно по изјавата на директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска која на Топ тема на ТВ Телма рече дека 84 објекти на овој трговски субјект се „под лупа“ во целата држава. Таа изјави дека над 300 инспектори и контролори на УЈП се на терен поради утврдени неправилности.

„Согласно контролите на терен, имаме обврска да постапиме. Под лупа се 84 објекти на КАМ маркетите“, рече Лукаревска објаснувајќи дека некои производи не биле ставени во ставката „Г“, како и дека имале повеќе поплаки од потрошувачите. 

Медиумите јавуваат дека жолтите ленти и пломбите на објектите биле поставени уште вчера, наводно поради превенирање на евентуални измени во фактичката состојба на залихите во продавниците и магацините што можело да се направи со пописот.

Од УЈП посочуваат дека не станува збор за извршување на прекршочни санкции, како и дека за исходот од извршените контроли не можат да информираат заради начелото на даночна тајна. 

Контроли на пазарните инспектори се извршуваат и во други објекти, особено откако стапија на сила прописите со кои се ограничуваат маржите за основните прехранбени производи. До сега биле извршени повеќе од 600 надзори, а пазарните инспектори изрекле прекршочни налози за 44 субјекти во износ од 194.000 евра.

Инаку, во анализа на порталот Пари, објавена минатата година, се вели дека за време на пандемијата граѓаните потрошиле неверојатни 40 милијарди денари или 650 милиони евра вграѓаните во само 9 синџири на маркети.

Притоа, како што покажа анализата направена во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, лидер на домашниот пазар е токму КАМ  со вкупно остварени приходи од 169 милиони евра, позиција која ја одржува во последните три години. Покрај тоа, КАМ дополнително ја зајакнал својата позиција со тоа што од година во година се зголемува разликата помеѓу нив и останатите конкуренти.