Што се случува со грозјето? Лoзарите велат дека има голем грабеж со цената, власта се фали
Објавените цени за „вранецот “ и „смедеревката“ предизвикаа голем револт кај лозарите. Тие обвинуваат дека власта не сака да ги објави производните цени на грозјето

БИТОЛА – Рекордна цена за грозјето од реколтата за 2025 година или грабеж и манипулација на лозарите.
Бурни реакции предизвика денеска објавената цена за „вранецот“ и „смедеревката“ од страна на Министерството за земјоделство. Власта се пофали, а лозарите се жалат на манипулации и бараат од Министерството да ја соопшти производната цена на грозјето, а не само откупната, оти велат дека откупната цена не им ги покрива трошоците на производството, ниту пак парите што им ги плаќаат на аргатите за берба на грозјето.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски објави дека постигната е „рекордната цена“ во делот на откупот на двете најзастапени вински сорти на грозје: „вранец“ и „смедеревка“. „Вранецот“ ќе изнесува 21,3 денари, a „смедеревката“ 18,9 денари по килограм.
„Како Влада покажуваме дека сме различни во пристапот, го вреднуваме и цениме трудот на македонскиот земјоделец. Во наредните години ќе биде уште подобро. Оваа година очекуваме зголемен принос над 100 милиони килограми винско грозје, благодарение на подоброто менаџирање со водостопанството и наводнувањето“, изјави денеска Трипуновски, по посетата на Тиквешијата, додавајќи дека годинава се очекуваат зголемени приноси поради решавање на проблеми со наводнувањето оти лани бил намален приносот на грозјето поради лошото менаџирање со водата.
Но, веста на министерот за „рекордната“ откупна цена наиде на јавни критики кај лозарите.
Сашко Џојков вели дека лани ја дал на откуп „смедеревката“ за 22 денари.
„Велиш рекордна цена на ‘смедеревката’ – завршена е работата и со лозарството“, коментира лозарот.
Производителот Лазар Јордановски коментира дека лани „вранецот“ го дал на откуп за 20,8 денари, а „смедеревката“ за 18,3.
„И сега кажи пред јавноста, а не пред пет – шест души кои не смеат да те прашаат, која е рекордната цена? Си правиш реклама и фалба. На лозарите лани им ја скрати субвенцијата од хектар за 20 проценти, зошто не им кажуваш? Министре, на винарниците им даде од кило 1 денар произведено грозје, а на лозарите не им даде. Зошто?“, коментира Џојков.
Во изјава за „Зелена берза“ Националната земјоделска мрежа тврди дека на лозарите годинава им се случува грабеж и манипулација.
Претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорги Каракашев, бара од министерот Трипуновски да ја соопшти производната цена на грозјето.
„Како Национална земјоделска мрежа упатуваме јавен повик до ресорниот министер без одлагање јавно да ја сподели производната цена на овие вински сорти грозје како и методологијата и институцијата која ги има изготвено цените. Укажуваме дека според Законот за вино тоа е законска обврска. Овие цени се срамни, понижувачки и неприфатливи и ќе резултираат со огромен револт кај лозарите“, изјави Каракашев.
Тој додава дека грозјето во нашата држава не е стратешки производ и дека државата мора да најде начин за слободен проток на луѓе и стоки според ЦЕФТА договорот и во никој случај не смее да поставува ограничување во пласман на винското грозје во околните држави каде цените на истото во минатата година се движеа од едно до две евра по килограм винско грозје.
„Не може и не смее повеќе да се толерира монополскиот и картелскиот однос на одредени винарници кои, за волја на вистината, продаваат премиум вина и освојуваат врвни светски признанија, а на штета на чесниот и макотрпен труд на лозарите. Ние како Национална земјоделска мрежа ќе застанеме цврсто и одлучно во одбрана на интересите на лозарите“, наведе Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Остра критика за состојбата во лозаропрозводството имаше и претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кога на крајот на јуни се сретна со лозари од Тиквешијата.
Филипче обвини дека власта ги укина субвенциите за килограм предадено винско грозје, дека повеќе не постои поддршка од 60.000 денари по хектар за квалитетно грозје, а програмите за мали семејни винарници се целосно стопирани.
„ВМРО-ДПМНЕ ги понижи и осиромаши сите земјоделци, вклучително и лозарите. За лозарството и винарствот, не само што не се донесоа развојни мерки, туку ги скратија и постојните добри мерки донесени од Владата на СДСМ. Ланската 2024 година е прва година кога немаше субвенции за килограм предадено винско грозје“, критикуваше Филипче.
Според податоци од МЗШВ над 180 лозари имаат земјоделските стопанства со минимум 0,2 хектари одржувана површина со постоечки лозови насади. За 2024 година, тие пред некој месец добија околу 13 милиони денари субвенции за одржување на лозовите насади.
Исто така, за лани се исплатени 315 милиони денари субвенции за предадено грозје на 11.689 лозари. Пари што лозарите ги добиваат во пресрет на Свети Трифун – заштитник на лозарите.
Лозаропроизводителите се и корисници на поддршката за субвенционирање на горивото за земјоделската механизација – зелена нафта, за годинава не зеле пари, но во 2024 година во пресрет на бербата, добија субвенција за дизел гориво од 9.600 денари по хектар.