Што сакаат Села и Гаши
ЕРОЛ РИЗАОВ
Зијадин Села и Африм Гаши, партиските лидери на Алијанса и Алтернатива, влегоа во клопка со примамливата идеја да се прикажат како единствени бранители на албанските интереси во Македонија
Колку што е опасна за демократијата партиската контрола на уставното мнозинство, над 80 пратеници во парламентот, уште поопасна е злупотребата на демократијата со десетина пратеници да се наметнува деструктивен отпор и блокада на Собранието при јасна искажана волја на мнозинството и во парламентот и во јавноста. Зијадин Села и Африм Гаши, партиските лидери на Алијанса и Алтернатива, влегоа во клопка со примамливата идеја да се прикажат како единствени бранители на албанските интереси во Македонија. Двајцата зад плаштот дека се против политизација на пописот длабоко забраздија во политички води со реториката дека одложувањето на пописот во земјата е антиалбански чин.
Идејата на Села и на Гаши е лесно прочитлива преку морската амандманска расправа и бадинтеровото гласање со право на вето да ги донесат на тенок мраз ДУИ и Беса, да гласаат против албанските интереси со што Албанците во Македонија наводно би биле сведени помалку отколку што навистина изнесува нивниот број. Многу плитка стратегија која не фаќа дикиш бидејќи на овој план и Алијанса и Алтернатива, и Села и Гаши, во своето досегашно политичко дејствување имаат мал учинок. Со ваквиот националистички вознес повеќе ги затвораат вратите за идните можни коалиции и со албанските и со македонските политички партии легитимирајќи се себеси како непосакуван партнер и на двете страни со тесен маневарски радиус и неподготвеност на компромиси.
Нивната ултимативна аргументација за продолжување на пописот е нерационална и неиздржана. Затоа што пописот во дијаспората продолжува и не се прекинува. Второ, пописот во земјата кој не е само евиденција кога и да се оддржи не може да ги даде посакуваните и очекуваните резултати надвор од реалноста и кај Македонците и кај Албанците и сите други етнички заедници. Наместо да се декларираат како современи граѓански политички партии чекор понапред од заговорниците на национални држави, тие бараат место во веќе зафатениот простор од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ и некои помали политички партии. Трето, тие го игнорираат ставот дека пописните резултати без оглед на бројките не можат да бидат аргумент за одземање на стекнатите права на која било етничка заедница. Ова е најсилниот аргумент кој треба да ги релаксира сите политички партии и граѓани дека пописот е навистина само една значајна статистичка операција за планирање на идниот развој и за потребите на разни научни дисциплини, но и за деловните и стратегиски планирања.
Компромисниот договор меѓу Мицкоски и Заев за одложување на пописот и деблокирање на Собранието деновиве повреди повеќе суети и во државниот врв и во партиите. Се разбира, дека ова не смее и не може да биде редовна практика која ќе ја деградира парламентарната демократија и највисокиот законодавен дом. Но во вонредни околности како што е пандемијата и блокадата на парламентот компромисните договори кои не ги засегаат интересите на сите релевантни политички партии, туку ги штитат државните приоритети, не можат да бидат мотиви за популистички пропаганди и лажен патриотизам.
Села и Гаши ќе мора малку да ја спуштат топката на земја како што тоа го направија Мицкоски и Заев ако не сакаат да останат многу осамени и маргинализирани на тесната политичка сцена. Екстремниот тврд став во вакви околности може да се изроди во нешто што може да има далекусежни последици. Блокирањето на парламентот и на законите, со илјадници шапилографски амандмани, од кои зависи егзистенцијата на голем број луѓе и компании на изборите можат да го деблокираат парламентот граѓаните со големо мнозинство давајќи го гласот по етничка и национална припадност што може да донесе сосема друг однос на силите кои по правило на Балканот значат многу власт, заробена држава.