Што претставува ХОББ? – Се одбележува Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест


Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) ќе се одбележи денеска, а целта е да се подигне свеста за значењето и социо-економскиот товар на болеста.

Од Македонското респираторно здружение посочуваат дека голем број фактори ја предизвикуваат оваа болест но пред се дека тоа се аерозагадувањето и пушењето.

– ХОББ е голем проблем на денешницата. Во светот од оваа болест, боледуваат повеќе од 400 милиони луѓе и за жал, нивниот број постојано се зголемува. Секоја година поради ХОББ умираат по 3.5 милиони луѓе, а преваленцијата и морталитетот се најголеми во неразвиените земји. Голем број фактори ја предизвикуваат оваа болест, пред сѐ аерозагадувањето, пушењето, професионалната експозиција, како и изложеноста на чад од согорување на биомаси и вештачки хемиски материи, истакнуваат од ова здружение.

По повод одбележувањето на Светскиот ден во библиотеката на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје ќе се одржи прес-конференција.

Бесплатни прегледи по повод Денот на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) се одржаа и во понеделникот во „Сити мол“ во Скопје.

Директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза Димитар Каркински  појасни дека ако се земат предвид светски статистики, во нашата држава би имало минимум 100.000 заболени лица.

– За жал, оваа болест е многу честа во Македонија. Најглавна причина за ова е пушењето. Македонија е меѓу првите три земји во Европа по користење цигари и се смета дека 45 отсто од адултната популација во Македонија се пушачи. За жал и самите пациенти не знаат дека имаат хронична опструктивна белодробна болест, т.е. имаат симптоми, ама или не ги препознаваат или ги игнорираат, а тоа го знаеме бидејќи немаме толкав број пациенти кои доаѓаат на прегледи, а во консултации со Фондот за здравство, не се ни издаваат толкав број лекови што би требало да ги примаат овие пациенти, појасни Каркински. 

Што е ХОББ?

Хронична опструктивна белодробна болест е  тип на опструктивна белодробна болест што се одликува со хронично мал проток на воздух. Со тек на време се влошува. Главните симптоми вклучуваат недостиг на воздух, кашлица и шлајм. 

Најчеста причина за ХОББ е пушење тутун, а има и многу други фактори како загадување на воздух и генетика, кои имаат помала улога. Во земјите во развој најчест извор на загадување на воздухот доаѓа од слаба вентилација на оган за готвење и греење. Долготрајната изложеност на овие раздразнувачи предизвикува воспалителна реакција во белите дробови, што резултира со стеснување на малите дишни патишта и разложување на белодробното ткиво што е познато како емфизем.

ХОББ може да се спречи со намалување на изложеноста на познатите причинители. Ова вклучува обид за намалување на стапките на пушењето и подобрување на квалитетот на воздухот во затворен простор и на отворено.

Лекувањето на ХОББ опфаќа: откажување од пушење, вакцинирање, рехабилитација, а често и инхалација со бронходилататори и стероиди. 

Во светот ХОББ ја има кај 329 милиони луѓе или речиси 5% од популацијата. Во 2012 година се вбројуваше како трета водечка причина за смртност, а уби над 3 милиони луѓе.

Најчести симптоми на ХОББ се производство на исплувок, недостиг на воздух и продуктивна кашлица.

Напредната ХОББ води до висок притисок во белодробните артерии, што става напор врз десната комора од срцето. Оваа ситуација се нарекува кор пулмонале и води до симптоми на отекување на нозете и набрекнување на вратните вени.