Што порачува еден од најуспешните стопанственици кај нас: Државата да создава услови, а компаниите да инвестираат


И во услови на криза „Хај тек“ на Саво Станковиќ оствари пораст од 10 отсто и го зголеми бројот на вработени за девет отсто

Еден од најуспешните стопанственици во Македонија, Саво Станковиќ, кој веќе четири децении остварува постојан раст со својата компанија „Хај Тек Корпорејшн“, порача денеска дека е неопходен континуитет во политиката од страна на државата за поддршка на стопанството, пред се преку создавање поволни услови, но и постојано инвестирање и унапредување на работењето од страна на компаниите. Тоа што сме на периферијата на централна Европа, според него не е пречка да се успее на глобалниот пазар, ако се има визија и посветеност во работата.

Тој вели дека и покрај кризата годинава за неговата компанија, лоцирана во населбата Орешани во општина Зелениково, е најуспешна досега – со очекуван раст од 10-11 отсто во однос на лани и зголемување на бројот на вработени за девет отсто, со кои наредните години очекува уште подобри резултати.

„Годинава иако е тешка за стопанството, како и за сите луѓе, ние успеавме со политиката на инвестирање и политиката на градење технологии кои можат да се натпреваруваат на светско ниво да опстанеме во нашиот развој и напредок“, изјави Станковиќ при посетата на вицепремиерот Фатмир Битиќи на неговата компанија.

Тој додаде дека поддршката од Владата за компаниите кои како „Хај тек“ инвестираат и во овие тешки времиња и кои што излегуваат на странските пазари во силна конкуренција ќе значи потстрек.

„Тоа се однесува не само за нашата компанија, туку и за сите компании во Македонија дека иднината ќе ја бараме на светските пазари, кои што се огромни и кои што му дааваат можност секому да успее и секако да го подобриме трговскиот биланс на Македонија“, истакна Станковиќ додавајќи дека во изминатите 40 години постојано е присутен само на странските пазари и успева да им покаже на помладите генерации дека иднината може да се гради и во Македонија.

„Но, само ако знаете да се посветите на тоа, ако сте едуцирани и се разбира ако работите на долги патеки. Нема никаде нешто направено само за една или две години. Јас сум 40 години во оваа индустрија и останувам верен на мојата индустрија и на моите луѓе и на мојата Македонија“, изјави тој.

Запрашан дали државата може да го подобри односот кон домашните компании Станковиќ вели дека можеби има елементи каде што може да се поддржат домашните фирми меѓутоа, како што нагласи „една рака со друга рака да се подаде“.

„Некои можеби веруваа дека нема можности да инвестирате во слободните зони во Македонија. Ние го покажавме спротивното – до сега инвестиравме 8,5 милиони евра и изградивме фантастична фабрика која извезува. Направивме нешто што е многу важно, да имате овде еден степен на производство, кое таму е доградено со уште повеќе додадена вредност“, вели Станковиќ.

Она што недостига, нагласува тој, е континуитет во политиката. Односно, ова што сега се прави да не се напушти.

„Не смее да имаме нешто што трае четири години и после тоа да прекине затоа што тогаш ќе ги обесхрабрите луѓето. Ако тоа постојано се промовира како трајна политика на Македонија тогаш ќе охрабрите многу млади луѓе. Јас почнав од подрум, јас не сум имал вакви услови какви што сега имаат младиве луѓе. Значи самовработување, кредити од банките итн., така што нивните услови се далеку подобри отколку што беше во мојот период. Ако јас издржав зошто да не издржат и тие“, вели Станковиќ, додаваајќи дека не треба да се очекува државата некому да даде нешто во џебот, туку треба да создава услови, а секој треба да се покаже што ќе прави во тие услови.

„Се разбира дека има многу простор каде што ќе се поправа и државата и стопанствениците, но тоа се постигнува вака – со посети и разговори. Треба да се слушнеме, да се видиме што недостига кај едните и кај другите. Ако тоа го правиме нема да има проблеми“, исстакна Станковиќ нагласувајќи дека поддршката треба да продолжи и во годините што ќе доаѓаат, односно да биде трајна политика.

Според вицепремиерот Битиќи „Хај тек“ е успешен пример како една компанија треба да се справува со економската криза, како треба да се постави во глобалната економија и како се станува конкурентна компанија.

„’Хај тек’ покажува дека со инвестирање во истражување и развој може да станете конкурентен не само на македонскиот пазар, туку во регионот и на глобално ниво“, вели Битиќи.

Компанијата на Станковиќ е една од 245-те компании која што во изминатите три години има склучено договори за финансиска поддршка од страна на државата од мерките на Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Во Македонија вработува 200 лица, а присутна е во уште четири други држави, или со вкупен број вработени од 265 лица. Изработува висококвалитетни производи т.н. „пи-си-би“ печатени плочи кои се користат во електронските уреди во автомобилската индустрија, во авионската индустрија, кај апаратите за домаќинство, во медицински и индустриски уреди, во комуникациската технологија и во други сектори.

„Хај тек“ беше прваата домашна компанија што инвестираше во Технолошко индустриско развојана зона пред две години и, како што нагласува Битиќи, „покажа дека и македонски компании можат да инвестираат во овие зони и имаат визија да ги искористат сите поволности кои што ги нуди државата“.

„Владата ќе биде партнер на успешни компании, на технолошки развиени, кои што ќе продолжат да растат, да се развиваат, да наоѓаат нови паазари и секако да го зголемат производството, прометот, но и бројот на вработени“, нагласи Битиќи. (М.Ј.)