Што побрзо воведување авиолинија Скопје-Доха


Фото: Б. Грданоски

 Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Драги Стојаноски, на маргините на 42-рото Собранието на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) во Монтреал, оствари значајна работна средба со висока делегација од Катар, предводена од претседателот на Катарските воздухопловни власти, Mohamed Faleh Al-Hajri, информираат од АЦВ.

Од страна на директорот Стојаноски било побарано, што поскоро повторно воведување на директна линија помеѓу Скопје и Доха која за Македонија е од големо значење од аспект на развој на економијата, трговијата, туризмот, како и олеснувања за македонските патници, кои Доха би ја користеле како конектирачка точка за нивните патувања до останатите држави на Блискиот Исток, и летови до Азија, Австралија и Нов Зеланд.

-На средбата, првите луѓе на воздухопловните власти разговараа и за продлабочување и унапредување на билатералната соработка во областа на цивилното воздухопловство, преку размена на искуства, тренинг и обуки, взаемна помош и поддршка во процесите за оспособување на воздухопловен персонал, можност за студиски посети и обуки на работно место (OJT) и користење на најдобрите искуства во насока на зголемување на безбедноста во цивилното воздухопловство, се наведува во соопштението од АЦВ.

Како што велат оттаму, средбата уште еднаш ги потврдила, исклучително пријателските односи меѓу двете земји и во духот на пријателството директорот Стојаноски ја потврдил поддршка на Македонија, за кандидатурата на Катар за членство во Дел III на Советот на ICAO.