Што ќе се случи ако добиете забрана за управување моторно возило – чекор по чекор


Фото: Б. Грданоски
Министерство за внатрешни работи  ја информира јавноста за законските измени во делот на управната постапка која се однесува на возачките дозволи и начинот на извршување на прекршочната санкција „Забрана за управување со моторно возило“, определена со правосилни судски пресуди.
 
Согласно новите законски одредби, извршувањето на забраната повеќе не се врши со физичко впишување во возачката дозвола. Со ова се укинува потребата граѓаните дополнително да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со впишана забрана, со ист рок на важност.
 
Наместо тоа, воспоставен е дигитален систем на известување преку две текстуални пораки (SMS) и електронска пошта (e-mail).
 
Процес на известување и почеток на забраната
 
Прва порака – известување
Граѓаните ќе ја добијат првата порака приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт податоци. Оваа порака содржи информации за видот и времетраењето на изречената забрана.
 
Втора порака – почеток на санкцијата
Осум дена по примањето на првата порака, на граѓаните ќе им биде доставена втора порака. Забраната за управување со моторно возило официјално започнува да тече од моментот на приемот на втората порака.
 
Министерството во следната фаза ќе овозможи извршувањето на забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците.
 
Досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се над 3000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди.
 
Важно известување
Нагласуваме дека забраната не започнува да тече од денот на пополнување на изјавата во Одделенијата за управни работи, туку исклучиво по приемот на втората текстуална порака.
 
Апел до граѓаните
Ги повикуваме сите граѓани за кои има донесено правосилни пресуди со ваков вид санкција, а кон кои е испратена покана од страна на Министерството, да се упатат во надлежните организациони единици за управни работи.
 
Целта на посетата е доставување и ажурирање на личните контакт податоци (број на мобилен телефон и е-маил адреса), што е неопходен предуслов за правилно и навремено извршување на санкцијата и избегнување дополнителни недоразбирања.
 
Дополнително, ги известуваме и сите граѓани кои имаат за цел да избегнат извршување на забраната, а за кои Министерството веќе располага со контакт податоци, дека санкцијата ќе биде реализирана, а тие ќе бидат известени преку СМС порака и електронска пошта.
 
Покрај извршувањето на забраните изречени со правосилни судски пресуди, паралелно и целосно автоматизирано се спроведува и извршувањето на забраните констатирани преку системот Безбеден град. Известувањето се врши на ист начин – преку СМС порака и електронска пошта – за сторени прекршоци за кои според закон е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба.
 
Со воведувањето на овие измени, процесот станува побрз, поефикасен и значително се намалуваат административните процедури за граѓаните.