Што ќе донесе стратешкиот дијалог на Македонија со САД?

Вакви стратегиски дијалози САД сега имаат со Јапонија, Филипини, Полска, Индија, Австралија... а од нашиот регион – со Хрватска и со Словенија


Карен Донфрид и Бујар Османи (Фото: Б. Грданоски)

 

Македонија и САД во јуни во Вашингтон ќе одржат стратегиски дијалог, што е нова рамка на билатералната соработка што треба да ги зајакне уште повеќе односите на двете држави. Ваквата вест, што ја објави министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на посетата на помошникот државен секретар за Европа, Карен Донфрид, внесе малку забуна, бидејќи  Македонија и досега имаше потпишано документ кој и обезбедува некакви стратегиски релации со САД.

Фактот, пак, дека овој дијалог е инициран додека трае војната во Украина и кога стана видливо силното руско влијание во нашата држава, а во пресрет на јунскиот самит на ЕУ кога сите надежи се дека ќе биде притисната Бугарија да го прекине двегодишното изживување со Македонија, отвораат дилема: Која е вистинската причина за ваквиот дијалог, што значи тој практично за државата и каде ќе не одведе? И, дали ваквото потесно врзување со САД може да нѐ оддалечи од земјите членки на ЕУ (пред се Франција) која не става равенство меѓу проамериканското и проевропското?

И покрај штурите информации, од она што може да се најде за ваквата форма на соработка со САД станува јасно дека договорот што ги имаме ние од 2008 година, по самитот во Букурешт кој ги закопа нашите шанси за членство за подолг рок, има поспецифична и поспецијална тежина од овој стратегиски дијалог. Тој договор обезбедува повеќе од дијалог, односно обезбедува „стратегиско партнерство“ со  кое, како најважно, се изразува јасната поддршка на САД за Македонија како независна, суверена држава и идна членка на НАТО, а со јасна цел – да се одвратат тие што мислеа дека „корпата“ од Букурешт е покана за наша дестабилизација.

Стратегискиот дијалог што се најавува сега со Македонија, е нешто што САД веќе го имаат со повеќе држави во светот и е рамка преку која се обезбедуваат регуларни консултации на високо ниво во разни сфери. Вакви стратегиски дијалози САД одржуваат со Јапонија, со Филипини, со Катар, со Бахреин, со Хондурас, со Австрија, со Полска , со Египет, со Тајланд, со Индија, а од нашиот регион – со Хрватска и со Словенија, при што со секоја од нив се отвораат различни прашања. Како пример,  едно од прашањата за дијалог со Катар беше транзитирањето на американските државјани и Авганистанците соработници на САД преку оваа држава, покрај вообичаените теми како економска соработка, клима, енергетска сигурност, контратероризам и слично.

Дел од стратегискиот дијалог со Полска, пак, е агресијата на Украина и поддршката на САД да се зајакне источното крило на НАТО кое е прво на удар на оваа закана. Куриозитет притоа е дека САД имаат некоја форма на стратегиски дијалог и со Кина, имаат и трилатерален стратегиски дијалог со Јапонија и Австралија, а со некои земји, како Филипини, досега одржале и десетина дијалози, т.е. средби на високо ниво.

Што ќе биде основа на дијалогот со Македонија ќе се утврди практично на првата средба во Вашингтон, а вообичаено од таквите средби, кои се оддржуваат потоа на редовна основа и главно на годишно ниво, произлегува обемен документ и разни договори. Словенија, која е меѓу последните земји кои почнаа ваков дијалог со САД, меѓу темите што ги расправа се сајбер безбедноста, енергетската сигурност, економската соработка, дезинформациите и јакнењето на демократските вредности, веројатно како реакција на владеењето на Јанез Јанша.

Сѐ на сѐ, дијалогот опфаќа економски, политички, воени, безбедносни, па и климатски прашања, а фактот дека се води со повеќе земји членки на ЕУ покажува дека не е нешто што може да ја оддалечи Македонија од евроинтеграцијата. Со оглед на тоа дека Македонија сега е и земја членка на НАТО, па не и треба дополнителна безбедносна гаранција од САД, најавата за дијалог упатува на тоа дека пораката можеби овојпат е упатена кон Бугарија, која оди против американските интереси во Македонија и е изложена на притисоци од САД да ја крене блокадата. Откако бугарски функционери се најдоа на листата на санкционирани од Вашингтон, ова е втор потег што ѝ става до знаење на Софија дека САД стојат цврсто зад аспирациите на нашата држава и дека тоа што се случува со нас – е и нивен интерес.