Штип со историски најголем буџет од над 30 милиони евра за 2025 година
ШТИП – Општина Штип за 2025 година ќе има историски најголем буџет. Вкупниот буџет кој Советот на општината го усвои на денешната седница е проектиран на 1.886.896.000 денари, што е нешто над 30 милиони евра.
Буџетот пред советниците го елаборираше градоначалникот Иван Јорданов кој рече:
„Изминатите три години успеавме да генерираме развој на општината со добро планирање на буџетите со што успеавме Штип да го направиме подобро место за живеење. Во тој период успешно ги реализиравме буџетите од кои произлезе реализацијата на голем број проекти и капитални инвестиции. За наредната 2025 година имаме проектиран буџет во вкупен износ од 1.886.896.000 денари при што основниот буџет изнесува 1.058.240.000 денари. Се работи за историски највисок вкупен но и основен буџет кој до сега го имала Општина Штип“, нагласи градоначалникот Јорданов.
Првиот човек на градот основниот буџет за 2025 година го компарираше со основниот буџет на општината од пред три години како и капиталните инвестиции тогаш и за 2025 година:
„Пред три години основниот буџет на Општина Штип изнесуваше 413.606.000 денари, а капиталните инвестиции беа на ниво од 119.355.000 денари. Во наредната година ќе имаме за 4,5 пати поголеми капитални инвестиции кои ќе бидат во износ од 592,6 милиони денари“, појасни таткото на градот.
Граѓаните на Штип, сепак, најмногу ги интересира на кои капитални проекти ќе се трошат овие големи пари, односно што градот и граѓаните добиваат со тоа.
„Ќе градиме нови градинки зашто од нив имаме потреба, ќе реализирам голем број инфраструктурни проекти меѓу кои и рехабилитација на најмалку 50 улици во градот, обиколници, два нови моста на реката Брегалница, нови паркови површини и:
– Ќе продолжиме со изградбата на Булевар Партизанска;
-Ќе го изградиме огромниот еко парк на 70.000 метри квадратни покрај спомнатито булевар;
-Нов парк ќе се гради и кај бањата Кежовица долж реката Брегалница со можност за урбанизирање на просторот каде што ќе поминува обиколницата и ќе биде изграден новиот мост на Брегалница;
-Со новиот буџет планирано е финансирање на обиколницата со нов мост на реката Брегалница што ќе започне да се гради за неколку недели
-Нов мост на Брегалница ќе се гради и на другиот крај од градот преку кој ќе се поврзат населбите Македонка и Баби со што ќе се намали метежот во сообраќајот;
-Во централното градско подрачје планирана е изградба на две нови катни гаражи;
-Ќе се продолжи со изградба на конзоли на реката Отиња на потегот од Трговскиот центар до плоштад Слобода;
-Ќе се заврши изградбата на спортскиот центар „Џексон“ кој ќе има капацитет од нешто над 1.000 седишта;
-Ќе изградиме три нови големи резервоари на Пребег, Мерите и Каваклија при што оној на Пребег е веќе во изградба, на Мерите ќе започне да се гради веќе во месец јануари. Со овие резервоари ќе го решиме прашањето за квалитетно снабдување на високите зони со вода за пиење;
-Ќе се гради комплетно нова водоводна мрежа во викенд населбата Плуждино која со вода ќе се снабдува од спомнатите резервоари:
-И во новата населба Три Чешми ќе биде изградена комплетно нова водоводна мрежа;
-Комплетно нова водоводна и канализациона мрежа ќе се гради за потребите на новата населба помеѓу постојните населби Сењак 4 и Баби;
-Во населбите Блок 70 и Блок 77, познати под популарните имиња Леваци и Деснаци ќе биде извршена комплетна реконструкција на подземната инфраструктура, а ќе биде третирана и надземната инфраструктура-улици и тротоари;
-Комплетно ќе биде реконструирана водоводната и канализационата мрежа во населбите „Света Недела“ и „Дузлачкио рид“,а за бесправно изградените објекти во Ромското маало ќе се интервенира таму каде што нема третирање на канализационата мрежа, и каде што нема евиденција на потрошувачката на вода.;
-За првпат во историјата на Штип ќе биде поставен Скада систем на целата градска водоводна мрежа со што која ќе се овозможи целосна контрола и точен увид на местата на кои се јавува загуба на водата која до скора изнесува 60 проценти, но со реконструкциите на главните и секундарни водоводни мрежи кои што се направени во последно време таа згуба е намалена на околу 40 проценти:
„Oвие, како и многу други проекти визуелно и функционално ќе го изменат ликот на нашиот град во најпозитивна смисла“, рече градоначалникот Јорданов. Тој од говорницата им се заблагодари на штипјани што се одзваа на јавните дебати кои ги организираше Општината, а на кои тие самите ги определиле приоритети за еден попросперитетен, пофукнционалне и поубав Штип. (Истокпрес)