Штетниот договор на Јанушев и натаму ја празни касата на ЈСП


Државната лотарија на Република Македонија склучи нов договор со компанијата „Маратон Гроуп“ ДООЕЛ Скопје за закуп на рекламен простор на автобуси и автобуски постојки, во вредност од 23.587.004,66 денари (околу 386 илјади евра), објави Антрополог.

Иако ваквите средства можеле да завршат во буџетот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП), тие повторно ќе одат во приватни џебови, благодарение на долгогодишниот, спорен договор склучен во времето кога директор на ЈСП беше Игор Јанушев, денес генерален секретар на Владата на Христијан Мицкоски.

На 21 април 2017 година, ЈСП Скопје склучило договор со „Маратон ДООЕЛ Груп“ за целосен закуп на рекламниот простор на градските автобуси. Во истиот период, по одлука на раководството, бил укинат маркетинг секторот на ЈСП, со што претпријатието останало без можност самостојно да управува со рекламните услуги, пазар кој според проценките носи 5 до 7 милиони евра годишно.

Договорот стапил во сила на 1 јануари 2018 година и бил потпишан на 10 години, што е спротивно на законот, бидејќи секој договор подолг од една буџетска година треба да се склучува како јавно-приватно партнерство.

Според условите, ЈСП добива околу 6.500 денари месечно по автобус, за вкупно 120 возила на кои се поставуваат реклами. Во реалност, „Маратон“ им ги продава на компаниите тие реклами по цени од 2.000 евра па нагоре.Тоа значи дека само еден автобус може да оствари меѓу 6.000 и 12.000 евра месечно, додека ЈСП добива симболични 7.000 денари. Загубата за претпријатието се проценува на стотици илјади евра месечно.

Ако приходот од рекламите останеше во ЈСП, годишно ќе се собираа 5 до 7 милиони евра, доволно за набавка на околу 30 нови автобуси годишно, односно 300 автобуси за целиот период на договорот.

Да биде ситуацијата уште поапсурдна, договорот предвидува и казни за ЈСП во случај автобус да не сообраќа поради дефект, без да се применува принципот на „виша сила“. Така, дури и во ситуации надвор од контрола на претпријатието, ЈСП мора да плаќа пенали на „Маратон“.

Фотографии од јавни настани покажуваат дека Јанушев е во пријателски односи со сопственикот на „Маратон“, Љупчо Костовски, а на истата фотографија е и бизнисменот Масар Омерагиќ.

И покрај јавната штета и законските сомнежи, Јанушев никогаш не одговараше за потпишувањето на овој договор. Додека договорот не биде раскинат или поништен, ЈСП ќе продолжи да губи милиони евра годишно, а приватната фирма ќе инкасира огромни профити од јавниот превоз на граѓаните.