Шокантни слики од поплавите во Германија и Белгија, над 60 загинати


Водата носеше сѐ пред себе во Хаген, Германија (Фото: АП)

Климатските промени го носат својот данок. Бесните порои предизвикани од големи дождови за многу кусо време се незамисливи за Германија и Белгија. Никој точно не знае колку жртви ќе има

 

БЕРЛИН – Повеќе од 60 лица загинаа, а десетици се водат за исчезнати во четвртокот, откако силните поплави во Германија и Белгија ги претворија потоците и улиците во бесни порои што носеа автомобили и предизвикаа уривање на куќите.

Последните бури низ делови на западна Европа направија реки и акумулации да пукаат во бреговите, предизвикувајќи поплави во текот на ноќта откако заситената почва не можеше да апсорбира повеќе вода.

„Жалам за оние кои ги загубија своите животи во оваа катастрофа“, рече германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата на Вашингтон, изразувајќи шок за обемот на поплавата. „Сè уште не го знаеме бројот. Но, ќе бидат многу“.

Таа вети дека ќе се стори сѐ за да се пронајдат оние што сè уште се водат за исчезнати, додавајќи: „Обилниот дожд и поплавување не го доловуваат она што се случило“.

Властите во покраината Северна Рајна-Вестфалија соопштија дека најмалку 30 лица починале, додека 28 смртни случаи се пријавени во државата Рајнланд-Пфалц на југ. Белгиските медиуми јавија за осум смртни случаи во таа земја.

Меѓу најтешко погодените германски села беше Шулд, каде се урнаа неколку домови, а десетици луѓе се исчезнати.

Спасувачките операции беа попречувани од блокирани патишта и прекини на телефони и интернет преку Ајфел, вулкански регион на ридови и мали долини. Некои села се претворија во урнатини, бидејќи старите куќи од тули и дрво не можеа да го издржат ненадејниот наплив на вода, носејќи често дрвја и други остатоци додека навлегуваа низ тесните улички.

Карл-Хајнц Грим, кој дошол да им помогне на своите родители во Шулд, рече дека никогаш не видел малата река Ар да прерасне во толку смртоносен порој.

„Оваа вечер беше како лудило“, рече тој.

Уништени куќи во Инсул, Германија

Десетици луѓе мораа да бидат спасени од покривите на своите куќи со гумени чамци и хеликоптери. Стотици војници беа распоредени да помогнат во спасувачките напори.

„Има мртви, има исчезнати, има многу кои сѐ уште се во опасност“, рече премиерката на Рајнланд -Пфалц, Малу Дрејер, пред регионалниот парламент. „Никогаш не сме виделе таква катастрофа. Навистина е поразително“.

Во Белгија, реката Весдре се излеа преку нејзините брегови и испрати вода што беснееше низ улиците на Пепинстер, во близина на Лиеж, каде операцијата на пожарникарите за спасување тргна наопаку кога се преврте мал брод и исчезнаа три стари лица.

„За жал, тие брзо беа проголтани“, рече градоначалникот Филип Годин. „Се плашам дека се мртви“.

Во Вервие, обвинителството соопшти дека се пронајдени неколку тела, но не може да ги потврди извештаите на локалните медиуми дека таму загинале четири лица.

Големите автопати беа преплавени во јужните и источните делови на земјата, а железницата соопшти дека сите возови се запрени.

Во Лиеж, град со 200.000 жители, реката Мeза се излеа од крајбрежјето во четвртокот и градоначалникот побара од луѓето што живеат во близина да се преселат на повисоки места.

Претседателот на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе помогне, а папата Франциско испрати сочувство.

Целиот степен на штета беше сè уште нејасен, со многу села отсечени од поплавите и свлечиштата што ги направи патиштата непроодни. Видеа на социјалните мрежи покажаа дека автомобили лебдат по улиците и куќите делумно се урнати. Многу од мртвите беа откриени само откако се повлече надојдената вода.

Властите во округот Рајна-Зиг јужно од Келн наредија евакуација на неколку села под вештачкото езерото Штајнбах поради стравувањата дека браната може да попушти.

Двајца пожарникари загинаа во спасувачките операции во Северна Рајна Вестфалија, најнаселената германска држава. Гувернерот Армин Лашет им оддаде почит и вети брза помош.

„Сè уште не знаеме колкава е штетата, но нема да ги оставиме заедниците, луѓето сами“, рече тој за време на посетата на градот Хаген, погоден од поплавите.

Реката Меза во Лиеж, Белгија, стана како езеро (Фото: АП)

Лашет, конзервативец кој се кандидира за наследник на Меркел како канцелар на изборите оваа есен, рече дека невообичаено силните бури и претходниот топлотен бран можат да бидат поврзани со климатските промени. Политичките противници го критикуваа Лашет, син на рудар, за поддршката на индустријата за јаглен во регионот и го попречува ширењето на енергијата од ветерот за време на неговиот мандат.

Стефан Рамсторф, професор по физика на океаните на Потсдамскиот институт за истражување на влијанието на климата, рече дека не е јасно дали екстремните врнежи од дожд во Германија се директен резултат на загревањето на планетата.

„Но може да се каже дека ваквите настани стануваат сѐ почести поради глобалното затоплување“, рече тој за Асошиетед прес, истакнувајќи дека потоплиот воздух може да апсорбира повеќе водена пареа што на крајот паѓа како дожд.

„Зголемувањето на обилниот дожд и намалувањето во денови со слаб дожд сега јасно се гледа и во податоците за набљудување, особено во средно-северните ширини, кои ја вклучуваат Германија“, рече Рамсторф.

Слабеењето на летната циркулација на атмосферата, предизвикувајќи подолготрајни временски модели, како што се топлотни бранови или континуиран дожд, исто така може да игра улога, додаде тој.

Од некои стари куќи во Шулд, Германија, не остана ништо (Фото: АП)

Во Холандија, кралот Вилем-Александар и кралицата Максима во четвртокот вечерта го посетија тешко погодениот холандски град Валкенбург за да ги поддржат жителите и службите за итни случаи. Поплавите ја претворија главната улица во порој кафеава вода, поплавувајќи домови и деловни активности.

Илјадници луѓе во населбите на градот Мастрихт и другите села покрај реката Маас добија наредба да се евакуираат во четвртокот вечерта поради закани од поплавување, а беа основани центри за нивно сместување. Маас е холандско име за реката Меуз. (АП)