Шокантен пораз на Алкараз во 2. коло на УС Опен од 74. рангиран тенисер во светот
Карлос Алкараз го загуби мечот од 2. коло на УС Опен и беше елиминиран рано на последниот Грен слем турнир во сезоната, каде што беше еден од фаворитите за титулата. Победникот на овој турнир од 2022 година беше поразен во три сета од Ботик ван де Зандшулп, 74. рангиран тенисер во светот. Беше 6:1, 7:5, 6:4 за Холанѓанецот по 2 часа и 21 минута од натпреварот.
Алкараз вака рано не се збогуваше со турнирот во најсилната категорија уште од Вимблдон во 2021 година, кога беше 75-ти тенисер на АТП-листата. Во Њујорк, Алкараз, кој моментално се наоѓа на третото место во светот, бараше трета последователна Гренд слем титула, откако претходно ги освои Вимблдон и Ролан Гарос.
Ова беше прва победа на Ван де Зандшулп во третото соочување со Алкараз. Во 3. коло на турнирот ќе игра против 25. носител Џек Дрејпер.
„Останав без зборови. Ова беше неверојатно. Полн сум со самодоверба по победата против Денис Шаповалов и од првиот поен одиграв цврсто и добро. Верував во себе и гледате како заврши“, изјави Ван де Зандшулп. кој се уште нема победено толку високо рангиран играч.
Со победата против Алкараз, Ван де Зандшулп ја прекина долгата серија од 43 порази на холандските тенисери против играчи од топ 10 во светот на Грен слем турнирите. Ниту една земја во светот немала толку долга активна серија.