Шилегов: Со апликација ќе се бара слободно паркинг место


Град Скопје работи на овозможување секој граѓанин преку корисничка апликација да има увид на слободните паркинг-места, во реално време, како и на воспоставување концепт на централен комунален сервис кој има за цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение.
Ова го најави градоначалникот Петре Шилегов  кој денеска е во посета на збратимениот град Сараево каде што учествуваше на првиот Самит на градоначалниците на главните градови на државите од Југоисточна Европа „Capitals Summit 2019“/ Summit of Mayors od South East Europe. Посетата на Шилегов на Сараево е и по повод одбележувањето на 6 април – Денот на градот Сараево.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Шилегов зборуваше за визијата Скопје да стане Европска зелена престолнина. Toj истакна дека Скопје е прв град од Северна Македонија кој се приклучува на мрежата зелени градови и ја започнува изработката на Акцискиот план за зелен град, кој е фокусиран на низа предизвици во рамките на урбаниот одржлив развој и животната средина. Исто така, ја спомена и реализацијата на проектот на Град Скопје и ЈСП за набавка на 35 автобуси на природен гас (CNG) во висина од 10 милиони евра, средства обезбедени преку заем од ЕБОР.
– Кога се кандидирав за градоначалник на моите сограѓани им ветив дека Скопје ќе биде функционален и паметен град, безбеден за растење и спокоен за пензионирање. Проектот „Паметен град“ прерасна во основен мотив на градската администрација за остварување на главната цел – да го претвориме Скопје во функционален град кој целосно ќе излегува во пресрет на потребите на граѓаните. Со реализација на проектот „Паметен град“, Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател се напредните информатички технологии. Крајната цел е граѓаните да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација. Работиме на воспоставување концепт на централен комунален сервис кој има за цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални кол-центри, мобилни и веб апликации кои ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми – објасни Шилегов.
Тој рече дека неговата визија за Скопје има за цел да обезбеди и модерно управување со паркинг-местата во надлежност на градот. Дигитализација на градските паркинг-места, со централизиран систем на мониторинг и наплата, кои ќе ја зголемат ефикасноста на услугите за граѓаните е еден од клучните предуслови за тоа.
– Планираме да овозможиме секој граѓанин преку корисничка апликација да има увид на слободните паркинг-места, во реално време. Со тоа ќе го олесниме барањето на слободно паркинг-место, така што директно влијаеме за заштеда на времето и на ресурсите на граѓаните. Паметното осветлување на јавните градски површини, од друга страна, очекувам да резултира со огромни заштеди на трошоците за електрична енергија што ќе ги намали ставките за јавно осветлување. Ова се само дел од придобивките на проектот „Паметен град“. Тој во својата суштина подразбира максимално искористување на дигитализацијата и модерните информатички технологии во насока на создавањето услови за заштеда на материјалните средства, но и времето како најскап ресурс на секој граѓанин – истакна Шилегов.
Шилегов се осврна и на зазеленувањето на јавните површини и на подигањето нови паркови како приоритет на Градот Скопје, но и на збогатувањето на културната понуда која го раздвижи градот.
Учесниците на Самитот се определија за интензивирање на соработката и за континуирано поврзување на главните градови од регионот, како и воспоставување  формална рамка за соработка под мотото „Градови без граници“. Тие се обврзаа вакви средби да се организираат најмалку еднаш во годината, во еден од градовите учесници.
На Самитот беше договорена  интензивна размена на искуства во различни области од развојот на градовите. Градоначалниците укажаа на потребата за подобро транспортно поврзување меѓу градовите, особено преку воспоставување редовни авионски врски и ја поддржаа иницијативата за укинување на трошоците за роаминг во регионот. Тие ги повикаа владите позитивно да работат и да дејствуваат со цел сите држави од регионот да се придружат на Европската унија со што ќе се постигне подобрување на животот на граѓаните и обезбедување траен мир и стабилност во регионот.
Домаќин на првиот Самит на градоначалниците на главните градови на државите од Југоисточна Европа беше градоначалникот на Сараево, Абдулах Скака. На состанокот присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов; градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ; градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај; членот на градското собрание на Белград, Фадиљ Еминовиќ; заменичката на градоначалникот на Подгорица, Слаѓана Вујовиќ, а градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, упати писмо со поддршка. Почесен гостин на Самитот беше градоначалникот на Куала Лумпур, Дато` Нор Хишам А Далан.