Шилегов се подготвува да го отвори стационарот „Лајка“


По долго време, изгледа стационарот за кучиња „Лајка“ конечно ќе биде отворен.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на Фејсбук објави фотографии од посета на објекотот и  напиша: „Последни подготовки за отворањето на ЈП Лајка“.

Минатата недела, прашан кога се планира отворањето на овој објект, Шилегов рече дета тоа веројатно ќе се случи во среда (07.09), доколку никој од седумте вработени не е заболен од корона вирус, а ако е тоа може да се одложи.

На прашање од „Независен“ што го испративме до Градот, не нѝ одговорија зошто во средата не беше отворен стационарот.

Но, денеска, градоначалникот, повторно најавува наскоро отворање.

Отворањето на овој потребен за Градот објект, требаше да се случи пред година ипол, но тој никако да проработи. Многу контроверзи се испреплетоа околу објектот, во кој треба да бидат вдомени улични кучиња.

Здруженијата за заштита на животните неколкупати бараат оставка од директорката Тина Петрушевска која беше назначена пред две години од страна на  градоначалникот Петре Шилегов.

Здруженијата обвинуваат дека Петрушевска е целосно неподобна за функцијата која и е доверена, како и дека наводно извршила злоупотреба на должноста. Во барањето за оставка се наведува дека Петрушевска покренувала неосновани судски спорови против соработниците на активисти-волонтери за заштита на животните, вршела кражба и криминална злоупотреба на лични податоци со содејство со службени лица од други институции, ги вознемирувала, со помош на трети лица ги прогонувала и телефонски им се заканувала на вдомувачи на бездомни животни – државјани на други земји.

Активистите бараат Шилегов на местото директор на „Лајка“ да постави активист-волонтер.

 

https://www.facebook.com/p.shilegov/posts/2635346846794841