Шилегов: Отворената културна сцена во Градскиот парк ќе биде новата гордост на Скопје


Денес во Градскиот парк, Град Скопје ја постави првата од трите летни сцени наменети за одржување на културни настани на отворено.
Станува збор за монтажна и мултифункционална сцена на отворено, со движечки челични профили, идеална за одржување на музички настани, изложби, театарски претстави, уметнички перформанси и разни други собири.


„Мултифункционалната сцена ќе биде новата гордост на Градски Парк. Местото каде ќе се одржуваат најубавите настани, градски фестивали, местото каде многу скопски уметници за прв пат ќе застанат на сцена и каде публиката ќе има можност да ужива во незаборавни моменти“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.


Тој додаде дека изминатите две години поминати со пандемијата на КОВИД 19, ги натера граѓаните повеќе време за одмор и рекреација да поминуваат на отворено, а едно од омилените места на скопјани е токму Градскиот парк.


„Овој процес го започнавме веднаш по започнувањето на пандемијата. Град Скопје беше првата европска метропола со кризни мерки за културата во насока на заштита на егзистенцијата на скопските уметници, но и првата метропола што организираше цели фестивали сред пандемија, па дури и во карантин. Оваа сцена е избрана на јавен конкурс во конкуренција на 12 други трудови и беше претставена на изложба заедно со сите останати примени трудови минатото лето. По изработката на основниот проект и неопходните процедури за јавни набавки, сцената е тука“, додаде Шилегов.