Шилегов остро го демантира Апасиев: „Мојот син нема деловен простор во ‘Ист гејт’
Откако лидерот на Левица, Димитар Апасиев објави дека синот на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, наводно имал деловен простор од 350 квадрати во новоотворениот трговски центар „Ист гејт“, кандидатот на СДСМ се јави со остар демант:
„За разлика од противкандидатката, јас веднаш отворено и експлицитно демантирам. Лажните вести нема да ви пројдат на овие избори. Како што веќе покажа, ‘приврзокот’ дообработува за газдата. Скопјани не се наивни луѓе. Џабе ги потценувате. Мојот син нема сопственост на деловен простор во новоотворениот ‘Ист гејт’. Вашата омраза кон сѐ што живее, нема да ја победи мојата љубов кон Скопје и скопјани“, напиша Шилегов на Фејсбук.
Претходно на фејсбук Апасиев напиша: „Лузерите Шилегов и Заев го токмеле и форсирале отворањето на ‘Ист гејт’, да биде баш пред вториот изборен круг – за да прокнижат некое поенче. И се тоа ќе си беше ОК, да не ја дознавме веста дека синот на скопскиот Крадоначалник во заминување, на свои 20-на години, поседува дури 350 квадрати екстра луксузен деловен објект, баш у тој нов мол!? Додека вие немате да им дадете на вашите деца 100 денара за на голем одмор, нивните се милионери уште неиспилени. Имајте го ова на ум во недела, кога ќе ги куткаме од власта овие корумпирани хоштаплери“.