Шилегов: Очекувам дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат оставка заради криминалите
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и довчерашен потпретседател на партијата, кој беше разрешен, вели дека се надева оти примерот на СДСМ ќе го следат и другите партии и дека опозицијата ќе се оддели од криминалното минато.
„Наша проценка, заедничка, беше дека треба да направиме рестартирање на партиските структури, што неминовно ќе доведе до рестартирање на државните институции. Меѓутоа, предизвикот што го ставивме на маса е голем и кон другите политички партии. Моите очекувања се дека и останатите партии ќе го следат примерот на СДСМ независно каков е нивниот статус, дали се на власт или во опозиција. Очекувам дека опозицијата конечно ќе се оддели од криминалното минато, ќе го осуди криминалот што го правеа нивните луѓе, а не да ги штити. Очекувам дека дел од пратениците ќе си поднесат оставка токму поради нивната вмешаност во криминалите и очекувам дека ДПМНЕ `мајндсетингот` ќе го смени, па наместо да промовира примитивизам и фашизам ќе стане вистинска десничарска партија“, рече Шилегов по презентацијата на новиот забавен парк, прашан за коментар за смените на највисоко партиско ниво.
За тоа дали очекува негови соработници да бидат сменети од нивните позиции, градоначалникот Шилегов вели дека е задоволен од работата на неговите соработници.