Шилегов најави дислоцирање на Железара и Цементарница надвор од Скопје 


Во своето гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, градоначалникот на Скопје најави хуманизација на просторот во Скопје, бришење на „Јужната обиколница“ и дислоцирање на Железара, Цементарница, и другата тешка индустрија надвор од Скопје, со донесувањето на новиот ГУП во 2022 година:

„Во Генералниот урбанистички план што ќе биде донесен во 2022 година, во Скопје ќе нема ознака за изградба на тешка индустрија. Значи, тешката индустрија перспективно, во следните 10 години, тука мислам пред се на комплексот на Железара и на Цементарница, ќе мора да се исели. Тоа е хуманизација на просторот“, укажа Шилегов.

На прашањето на новинарот „Кај да се исели? Кај ќе ги носите?“, Шилегов одговори:

„Ќе биде сложена операција, меѓутоа, ако вие не предвидите ниту градба понатаму, ниту егзистенција, ќе мора да влеземе во еден сериозен, општествено-државен процес за дислокација на тие капацитети. Тоа се разговори што веќе од моја страна се водени со двете раководства, и на Цементарница, и на Железарница, за да се соочат со тоа дека при носење на планот тоа веќе таму едноставно ќе мора да престане да постои“, потенцираше Шилегов.