Шилегов ја најави изградбата на новиот забавен парк со најголемиот ролеркостер на Балканот
Кон крајот на годината започнува изградбата на новиот забавен парк кој ќе биде на локацијата на стариот Луна-парк, информираше денеска на прес-конференција градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
Според него, со овој проект градот станува регионален туристички центар.

-Повеќе од 3.000 посетители ќе го посетуваат паркот секојдневно, додека на годишно ниво ќе достигне до милион посетители, дополни градоначалникот.
Според презентацијата, за реализација на овој проект ќе се бара инвеститор кој ќе го финансира овој проект и нема да има буџетски импликации врз градот.
-Еднаш кога ќе почне да работи сам ќе се исплати. Се очекува паркот да се исплати за три години од неговото зпаочнување со работа. Скопјани го добиваат најдобриот парк во регионот за нула денари, информира Шилегов.

– Би сакал да нагласам дека идејното решение е од Франко Бараѕони кој има проектирано преку 50 светски забавни паркови во светот, потенцираше Шилегов.
Во однос на рокот за изведба градоначалникот Шилегов најави дека тендерот се распишува после изборите, а паркот треба да биде готов летото 2023 година, односно за 18 месеци.

– Креираме нови работни места, ја помагаме локалната економија. Проектот е целосно самоодржлив, за реализација на овој проект се бара изведувач кој ќе го финансира и нема да има буџетски импликации на град Скопје. Се очекува паркот да се исплати сам за три години, а потоа градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти. Создаваме одржлива градска организација, нагласи Шилегов
– Скопјани добиваат најдобар парк во регионот за нула денари, Скопјани го добиваат најдоброто. Скопје е град за сите. Инвестираме и во благосостојбата на возрасните, и во онаа на младите, а сега ви ги претставувам нашите инвестиции за нашите најмили – децата. Јас не ветувам брзи и лесни проекти, туку стратешки проекти кои го решаваат Скопје за следните 50 години, порача градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.

