Шилегов: Инсистирам да имаме дефиниција на работното место пожарникар

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска истакна дека е потребно системско решение за пожарникарите и изедначување на професијата пожарникар на ниво на цела држава.

– Јас инсистирам сега да имаме дефиниција на работното место пожарникар. Тоа во моментов законски го немаме и токму заради тоа се различните диспаритети и токму заради тоа се различните нивоа на плати во различни општини. Она што јас мислам, е дека треба како и секое работно место во рамките на јавниот сервис да биде дефинирано за луѓето да знаат кои се нивните права, нагласи Шилегов.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање околу барањата на пожарникарите, за што одржаа и протест, посочи дека им е дадена опција во смисла на носење на правилник со цел системско решавање, за што треба да се изјаснат наредната недела.

– Медијацијата којашто јас им ја понудив на пожарникарите е всушност да се забрза реализацијата на нивното право без при тоа да се изложуваат непотребно на трошоци. Сега го чекам фидбекот. Очекувам првата спогодба којашто ќе се случи да им покаже на вработените во Противпожарната бригада во Скопје дека тоа е подобриот и побрзиот и поедноставниот начин на надминување на проблемот, потенцираше Шилегов.

Тој смета оти не е коректно тој проблем да се решава општина по општина, затоа што, како што рече, луѓето не заслужуваат таква работа.

Градоначалникот на Град Скопје, посочи дека увидел оти постои расположение носењето на измените на законот да се случат во првиот кварал од 2021 години.

Тој истакна дека во 2017 година еден од Синдикатите потпишал измени на Колективниот договор, но со него не бил опфатен конкретниот проблем на пожарникарите.