Шилегов: Градот е традиција, „Ленинова“, „Железничка“, „Мексичка“ се традиција


 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, по реакциите на граѓаните за повторно менување на имињата на улиците, во интервју за „Сител“ вели дека градот е традиција, „Мексичка“ е традиција, „Железничка“ е традиција, „Ленинова“…

Тој појаснува дека во минатото се ставале имиња на улици и што треба и што не треба.

– Јас живеам на улица „Мексичка“, која била именувана како благодарност на сите оние кои помогнаа во изградбата на Скопје по земјотресот – рече Шилегов.

Појасни дека Градот Скопје има 590 имиња на улици, а сега направиле список од 571 имиња, од каде ќе се влеачт имиња за следните улици и објекти.

– Немам ништо против Петре Пирузе, но мојата улица треба да се вика „Мексичка“, а Петре Пирузе ќе добие друга улица – додава Шилегов, како одговор на прозивките од опозицијата дека се расчистува со некои историски личности.

– Создаваме регистар, не именуваме улици. Комисијата утре ќе го заземе дефинитивниот став, пред Советот следниот вторник – додаде Шилегов.

– Слушнавме Дејвид Боуви, „Леб и сол“, „Мизар“, но тоа се предлози на скопјани, а каков градоначалник би бил јас, ако не ги слушам моите граѓани, објасни Шилегов.

Тој вели дека градот се менува, се гради и во урбанистичка и во инфраструктурна смисла, и за ова разговарал со граѓаните кога бил избран за градоначалник.

– Го тргнавме споменикот на Ќосето од пред судот, при крај е отстранувањето на трите галии во Вардар, но жал ми е што некои работи стојат, кои не зависат од нас – вели Шилегов.

Појасни, дека иако Законот бара од граѓаните да ги сменат податоците во личните документи доколку има промена на адресата, сепак, Шилегов вели дека тоа ќе биде направено, откако ќе им истечат личните документи, со следната редовна промена.