Шилегов дал наредба ЕВН да ја прекопа „Васил Ѓоргов“ поради опасност да пропадне

Пред завршување на реконструкцијата на улицата „Васил Ѓоргов“ во Скопје таа беше прекопана за поставување кабел на ЕВН, но градоначалникот на Скопје Петре Шилегов појаснува дека тоа било направено навреме.

– ЕВН изврши прекоп на улицата. Не бев задоволен од тоа како го направија. Постоеше опасност за неколку месеци да се појави дупка на тоа место. Дадов налог да се поправи таа линија на кабелот на ЕВН и како што гледате слеан е асфалтот – рече денеска Шилегов, на прес-конференција за пуштање во употреба на оваа улица.

Тој додаде дека секогаш додека траат градежните работи може да се прават интервенции, за потоа да нема прекопување во следните две години.

Фото: Б. Грданоски

Есенската градежна офанзива заврши, ќе се решава клучката кај Момин поток

Инаку, денеска заврши реконструкцијата на улицата „Васил Ѓоргов“ на потегот од улицата „Франклин Рузвелт“ до булеварот „Мајка Тереза“, една од главните сообраќајни артерии во населбата Капиштец во центарот на градот.

-И официјално заврши големата градежна офанзива на Градот Скопје во обнова, реконструкција и изградба на нова инфраструктура со пуштање во употреба на двете главни последни улици, односно оваа на којашто сме денеска „Васил Ѓоргов“ и булеварот „8 Септември“, пред базенот и хотелот „Алксандар Палас“. Во текот на оваа есен извршивме сериозна реконструкција на над 40 километри инфраструктура. Еден од главните зафати беше булеварот „Александар Македонски“, целосно се обновени улиците „Васил Ѓоргов“, булеварот „8 Септември“, „11 Октомври“ пред Зелено пазарче, улицата „Востаничка“ со сите приклучоци за водовод, и мислам дека имавме успешна есен во обнова на инфраструктурата. Остануваат уште овде на „Васил Ѓоргов“ и на некој од делниците на коишто работевме да се доуредат велосипедските патеки и тротоарите со цел да биде заокружен овој процес. Не застануваме тука, новиот пакет на градот е веќе спремен и во текот на следните дваесетина дена треба да започне продолжувањето на изградбата на булеварот „Никола Карев“ од касарната Илинден до клучката со Момин поток и потоа да влеземе во целосно решавање на сообраќајниот јазол кај клучката со Момин поток што е еден од главните сообраќајни јазли – рече Шилегов.

На улицата „Васил Ѓоргов“ извршена е целосна реконструкција на коловозот во должина од околу 1.000 метри, реконструкција на оштетените делови од тротоарите, заменети се оштетените рабници, како и корекции на крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“.

Вредноста на проектот е околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ, а реконструкцијата беше завршена во предвидениот рок од 45 дена.

Градоначалникот Шилегов им се заблагодари на своите сограѓани за покажаното трпение и разбирање за неопходноста од ваквата интензивна градежна офанзива. (Б.Б.)