Шесто издание на натпреварот за едукативна роботика за деца и млади


Деветнаесет тимови од Скопје, Кочани, Штип и Тетово со над 180 учесници ќе бидат дел од натпреварот за едукативна роботика, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 16 години што ќе се одржи денеска во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип со почеток во 9 часот.

Натпреварот за едукативна роботика, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 10 години преку FIRST LEGO League Explore (FLLE) и од 9 до 16 години преку FIRST LEGO League Challenge (FLL) е натпревар за едукативна роботика кој ги инспирира младите умови од целиот свет, поттикнувајќи ги кон креирање на иновации од областа на роботиката и инженерството, а со употреба на технологијата.

Оваа година темата на натпреварот за едукативна роботика е креативно спојување на уметноста и технологијата во процесот на создавање на ремек дело преку изнаоѓање на уникатни решенија за предизвиците во реалниот живот и подобра комуникација низ целиот свет.  

Младите учесници на возраст од 9 до 16 години ќе имаат за задача да дизајнираат и програмираат роботи а притоа да ги усовршат и вештините за решавање на проблеми, креативно и критички да размислуваат и да ја промовираат тимската работа.

Тимовите се натпреваруваат во игра со роботи кои сами ќе ги создадат. Истовремено, тимовите работат и на истражувачки проекти кои се фокусираат на прашања од реалниот свет, поврзани со културата и уметноста, креирајќи решенија за општествени проблеми. 

Дополнително, тимовите треба да дизајнираат, изградат и програмираат робот со користење на LEGO MINDSTORMS или LEGO SPIKE PRIME технологијата и да се натпреваруваат со другите тимови од нашата земја. Тимот кој ќе обезбеди најдобри резултати во сите категории ќе има можност да ја претставува Република Северна Македонија на светското првенство кое оваа година ќе се одржи во Масачусетс – Америка, од 7 до 9 јуни, 2024 година.

FIRST LEGO лигата е меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма застапена во над 100 земји со над 600.000 деца и млади од целиот свет. Целта е да ги инспирира учесниците да  истражуваат во областите како што се науката, технологијата и инженерството, да решаваат реални проблеми и да создадат подобра иднина за себе и за другите.  

Тимовите работат на подготовките во текот на целата година за да го покажат своето знаење на националниот натпревар кој се одржува еден пат во годината.  

Регионален партнер на натпреварот е Здружението за едукација и иновативно учење „Академија за роботика и иновации“ од Скопје заедно со коорганизаторите Електротехнички Факултет и Машински Факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.