Шестгодишно девојче починало додека примало инфузија во болницата во Битола

Таткото на малата Јана Христовска тврди дека лекарите ѝ дале гликоза во инфузијата кога шеќерот ѝ бил веќе покачен на 9 единици. Девојчето почнало да се губи


Болницата во Битола

 

БИТОЛА – Трагедија ја потресе Битола откако шестгодишно девојче од битолското село Кравари вчера попладне починало на Детското одделение во Битолската клиничка болница. 

Според блиски на семејството на починатото девојче, тоа со симптоми на настинка, покачена температура и дијареа било однесено од родителите на Педијатрија, и, како што кажуваат, во текот на примањето на инфузија починало.

Роднините на семејството се сомневаат дека детето не било соодветно третирано.

Директорот на Битолската клиничка болница, Александар Обедниковски за „Независен“ потврди дека има починато дете,и врз телото на девојчето се врши обдукција, со цел да се утврдат причините за смртта.

„Вчера околу 10 часот девојчето е примено на Одделението за педијатрија, третирано е со терапија и нешто по 14 часот му се влоши состојбата по што почина. Како болница побаравме обдукција која е во тек, а резултатите од неа ќе бидат дадени на  Обвинителството, по што ќе се знаат причините поради кои настапила смртта“, изјави за „Независен“  д-р Обедниковски. 

Таткото на шестгодишната Јана Христовска во изјава за „Независен“ вели дека до трагедијата дошло поради тоа што на неговата ќерка во моментите кога имала покачен шеќер во крвта ѝ дале гликоза  во инфузија. Девојчето е родено здраво велат родителите, без ниту една болест констатирана од лекарите досега. Таткото Стојче Христовски вели дека кога шеќерот на Јана бил 9 со инфузијата нагло скокнал на 19 единици.

 

Починатото девојче Јана Христовска

Стојче вели дека немало ни температура тука само била омалаксана бидејќи дома еднаш повратила.

„Пред три дена девојчето крена температура 37,7  ѝ дадовме сируп. Температурата спадна и вечерта немаше ништо. Но исто како пред Нова година како што ѝ му потекоа капаците од очите и солзење, така и завчера и потекоа капаците. Вчера сабајлето ја однесовме на болница оти вечерта и се слоши. Отидовме во болница. При првиот преглед на крвта шеќерот ѝ беше 9, ѝ кажавме на докторката дека е дехидрирана дури и не можеа ни крв да ѝ земат. По овој резултат докторката ѝ даде инфузија со гликоза, а на сопругата ѝ кажа дека шеќерот е покачен заради повраќањето. Почнаа да прават анализи на крвта, ни кажаа да седиме додека резултатите не бидат готови. После првата инфузија шеќерот во крвта се покачи на 19 единици. Ќе ѝ ставаа втора инфузија но не успееја, чупето почна да се губи“, сведочи таткото Стојче Христовски за „Независен“.

По ова состојба веќе бил вклучен „црвениот аларм“ кај лекарите од Педијатрија па повикале и други лекари анестезиолози на помош, а се консултирале и по телефон со други лекари како да постапат.

„Настана паники, дојде лекар од анестезиологија и малку ја повратија  со инсулин. Не знам што ставија, но слушнавме дека моето дете му одговори на лекарот како се вика. Им рече дека е – Јана.  По кратко време лекарите си заминаа а девојче пак се изгуби. Итно ја зедоа на Интензивна, додека лекарката од Детско бараше на телефон совет како да постапува“, вели Стојче. 

Веста од Интензивна била трогателна, Јана веќе била мртва.

Сега семејството Христовски ги чекаат резултатите од обдукцијата по што ќе знаат како ќе постапат понатаму дали ќе бараат одговорност за лекарска грешка.

Малата Јана ќе биде погребана утре на селските гробишта во Кравари.