Шест македонски во друштво на 100 најголеми банки: Кој е кој во Југоисточна Европа
Шест македонски банки се во друштвото на стоте најголеми во Југоисточна Европа според активата за 2023 година. Најдобро рангирана е Комерцијална банка, а првпат на листата е Прокредит банка. На првата позиција повторно е романската Банка Трансилванија, чии вкупни средства за една година се зголемиле 20,8 процени и надминуваат 32,5 милијарди евра. Во рангирањето што го прави SeeNews, најмногу банки – 17 се токму од Романија.
Во првата половина од SEE TOP 100 banks листата се две наши банки. Најголемата и најстарата. И двете го имаат подобрено пласманот за едно место. Комерцијална банка од 46-то во 2022 на 45-то во 2023, а Стопанска банка Скопје од 51 на 50.
Активата на Комерцијална банка, која на домашен терен е и најпрофитабилна, изнесува 2,66 милијарди евра и бележи годишен раст од 8,37 проценти. Вкупните средства на скопската Стопанска банка за минатата година се 2,13 милијарди евра.
Зголемување од 2,97 проценти има кај активата на НЛБ банка, а вредноста е 1,9 милијарди евра. Тоа ја рангира на 54-та позиција, на која била и во 2022 година.
За пет места напредувале Халк банка и Шпарк
Меѓу најголемите банки од ЈИЕ годинава има четири нови – се вброи и Прокредит банка, чија актива е 809 милиони евра. Регистрирана е годишна промена од 17,66 насто.
Табела 1
За да се добие претстава за тоа кој е кој на банкарскиот простор во ЈИЕ, порталот Пари ги анализира податоците од рангирањето на SeeNews.
Во топ 10 најголеми се четири романски, три бугарски, две хрватски и една словенечка банка. Споменавме, Banca Transilvania е прворангирана, а втората е исто така од Романија – Banca Comerciala Romana со актива од 21,7 милијарди евра, која во 2022 била на третото место. Другите две претставнички на банкарскиот сектор од оваа држава се на петтата и на осмата позиција: CEC Bank (16,79 милијарди евра) и BRD – Groupe Societe Generale SA (16,35 милијарди евра).
Со своите 17 претставници, Романија е државата во ЈИЕ со најмногу најголеми банки. По топ 10, нејзините банки ги држат 11, 12 и 13 место: ING Bank N.V. Amsterdam – Bucharest Branch, Raiffeisen Bank SA и UniCredit Bank SA со вкупни средства од 14,4 милијарди, 14,1 милијарда и 13,6 милијарди евра.
Најмалата од најголемите е Patria Bank SA, која има пад од три скалила во споредба со рангирањето од 2022. Сега е на 97-то место со 811 милиони евра актива, која е намалена за 2,98 отсто.
Хрватските најголеми банки се на третото и на деветтото место. Zagrebacka Banka има актива од 20,37 милијарди евра, а Privredna Banka Zagreb – 16,15 милијарди евра. Годишниот раст е речиси идентичен, за 2,03, односно за 2,04 проценти.
Надвор од ударната десетка на 14 место со 13,25 милијарди евра актива е Erste&Steiermaerkische Bank (-2,62% и пад од 9-то место), а во втората десетка е и OTP Banka (зацврстена на 17-та позиција) со своите 8,02 милијарди евра. Хрватска е и пласираната на 100-та позиција – Istarska Kreditna Banka Umag, која првпат се појавува на оваа листа. Има вкупни средства од 746 милиони евра.
Четвртопозиционирана е United Bulgarian Bank со вкупни средства од 17,4 милијарди евра и со сериозен раст од 94,22 проценти. Со тоа направила и исчекор од 11 места во однос на претходното рангирање. На шестото и на седмото место се исто така бугарски банки – DSK Bank EAD (16,75 милијарди евра) и UniCredit Bulbank (16,42 милијарди евра).
Оваа држава е втората по бројот на банките што се на топ 100 листата. Последната е рангирана на 95-то место (97 во 2022). Тоа е D Commerce Bank со актива од 849 милиони евра.
Nova Ljubljanska Banka е на десетата позиција. По остварениот раст од 14,89 насто, вкупните средства на крајот од 2023 биле на нивото од 16 милијарди евра.
Во првата половина од листата, Словенија има уште шест банки, распоредени од 15-то до 47-то место, со активи што се движат од 10,8 милијарди евра – OTP Banka или поранешната Nova Kreditna Banka Maribor, до 2,4 милијарди евра што ги има Gorenjska Banka. Со актива од 1,4 милијарди евра најмала е Dezelna Banka Slovenije, која од 77-то се поместила на 72-то место.
Табела 2
Рангирањето на српските банки почнува од 18-та позиција, на која и сега како и претходно е Banca Intesa со вкупни средства од 7,9 милијарди евра. На крајот од втората десетка е и OTP Banka Srbija AD, која исто така го задржала 20-то место со активата од 7,09 милијарди евра.
Во горната половина од листата Србија е застапена со уште седум банки, а последно рангирана, на 90-то (била на 92) е Addiko Bank со актива од 944 милиони евра.
Во Босна и Херцеговина најголема е UniCredit Bank d.d. Mostar (од 37 на 35 место), чии средства се во износ од 3,66 милијарди евра. Најмала меѓу најголемите е на 99-та позиција – Bosna Bank International d.d. Sarajevo, која е првпат на листата, а има актива од 789 милиони евра.
Рангирањето на банките од Албанија почнува со Banka Kombetare Tregtare Sh.a. (28 место со 4,67 милијарди евра), а завршува со Union Bank Sh.a. Оваа банка направила исчекор од 98 на 89-то место, поради растот на активата за 8,13 проценти и со износот од 956 милиони евра.
Молдавија има еден претставник меѓу 50-те најголеми банки во ЈИЕ. На 43-то (претходно 49) е BC Moldova Agroindbank SA, чии вкупни средства се зголемиле за 21,31 насто и се на ниво од 2,69 милијарди евра. Две се на 61 (Moldindconbank SA со скок од 11 места) и на 83 позиција (Victoriabank SA поместување за осум места). Најмалата е на 84-то место, откако во 2022 била на 90-то – OTP Bank SA со актива од 1,1 милијарда евра и раст од 15,53 проценти.
И Црна Гора нема свој претставник меѓу најголемите 50 банки. Прворангираната е на 57-та позиција, сочувана од 2022. Тоа е Crnogorska Komercijalna Banka, со актива од 1,7 милијарди евра, поправена за 4,49 проценти. На 96-то место е Erste Bank A.D. со 819 милиони евра, и е нова на листата.
Сите банки од Косово се исто така распоредени во втората половина од топ 100 листата. Најголемата е на 70-то место (во 2022 – 73). Raiffeisen Bank Kosovo Sh.a. има актива од 1,4 милијарди евра. Од последната на 94-та позиција се искачила TEB Sh.a. За една година ја зголемила активата за 12,93 проценти, која на крајот од 2023 била 859 милиони евра.
На SEE TOP 100 banks има 17 банки од Романија, 16 од Бугарија, 12 од Србија, 10 од Словенија, по девет од Хрватска и од Босна и Херцеговина, осум од Албанија, шест од Македонија, пет од Косово и по четири од Црна Гора и од Молдавија.
Рангирањето на најголемите банки во Југоисточна Европа е напрвено врз база на информациите за вкупните средства од неконсолидираните биланси на 31 декември 2023 година, а користени се податоци од централни банки, од национални комерцијални регистри, од комисии за финансиска супервизија, здруженија на банки…