Шест години од поплавата во Гази Баба што однесе 22 животи


Фото: Б. Грданоски

На денешен ден во 2016 година општина Гази Баба беше зафатена од голема поплава која однесе 22 човечки животи и нанесе големи материјални штети.

По повод шестгодишнината од поплавите, градоначалникот на Гази Баба Бобан Сефковски преку објава на фејсбук порача дека да не се заборават жртвите и изрази благодарност до сите кои помогнаа да се надминат последиците од водената стихија.

-Навршуваат шест години од катастрофалната поплава што ја зафати општина Гази Баба. Дваесет и двајца наши сограѓани ги загубија своите животи и болката по нив ќе трае засекогаш. Материјалната штета беше огромна. Домовите на жителите од Стајковци, Сингелиќ и околните населени места беа целосно уништени. Големата количина на вода за миг однесе се. Кога навидум се беше разрушено се роди новата надеж. Многу општини и градови од Македонија, многу држави од светот ја покажаа својата солидарност и хуманост кон нашата општината. Како градоначалник и денес изразувам благодарност до сите оние кои на било каков начин дадоа придонес во справувањето со последиците од поплавата.
Жртвите од поплавата како и солидарноста и хуманоста на илјадници луѓе кои помогнаа во справување со последиците од поплавата не смееме никогаш да ги заборавиме, пишува Стефковски.