„Шел“ очекува раст на профитот по пазарните турбуленции од војната во Иран


Британската компанија „Шел“ очекува значително зголемување на профитот од тргување со енергенси во првиот квартал од 2026 година, поттикнато од силните пазарни осцилации поради војната меѓу САД и Иран.

Компанијата соопшти дека приходите од трговскиот сегмент, особено во хемискиот и нафтениот бизнис, ќе бидат „значително повисоки“ поради растот на цените и зголемената волатилност на пазарите, пренесува „Гардијан“.

Се очекува особено зголемување на добивката во секторот обновлива енергија, која би достигнала меѓу 200 и 700 милиони долари во првиот квартал, во споредба со околу 100 милиони во претходниот период.

Истовремено, „Шел“ предупреди на намалување на производството на течен природен гас (LNG) поради последиците од нападите врз постројки во Катар.

Нападите го оштетиле LNG-комплексот Рас Лафан, што ќе доведе до пад на производството на меѓу 880.000 и 920.000 барели еквивалент нафта дневно, од 948.000 во четвртиот квартал од 2025 година.

Главниот извршен директор Ваел Саван претходно предупреди дека Европа може да се соочи со недостиг на енергија доколку не се обноват клучните транспортни рути, додавајќи дека компанијата соработува со владите за ублажување на кризата во снабдувањето.