„Шеќерни луѓе“ награден со уште две награди за најдобра актерка и најдобар актер


Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“ е награден со уште две награди на „Арт филм спирит авордс“ (Art Film Spirit Awards) во соработка со „Торонто филм магазин“ (Toronto Film magazine).

– Наградите за најдобра актерка и актер на „Арт филм спирит“ во соработка со списанието „Торонто филм“ се доделуваат за откривање на нови меѓународни филмски проекти и талентирани уметници во духот на инди-филм кинематографија, а самиот фестивал има за цел да ги препознае и промовира меѓународните таленти преку наградите ТФМ и „Арт филм спирит“, што се посветени на јазикот на кинематографијата како уметничка форма. Инаку, ова е трета награда за најдобра актерка на Сара Климоска за филмот „Шеќерни луѓе“. Претходно ја освои наградата за најдобра актерка на „Киез Берлин филм фестивал“ (Kiez Berlin Film Festival) во Германија и на „Риал филм фестивал“ (Reale Film Festival) во Италија, а прва за актерот Филип Трајковиќ, информираат од „Сузи Кју Продукција“.

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе ”, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“, досега има освоено шест награди на различни интернационални фестивали за краткометражни филмови. Филмот исто така е во селекција на 16 интернационални фестивали: во САД, Канада, Франција, Германија, Албанија, Италија, Парагвај, Турција, Романија и Аргентина.

Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.