Шефот на словенечката дипломатија ќе ја посети Бугарија заради ветото кон Македонија


Бугарија– Министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, изјави дека една од неговите први претстојни посети ќе биде во Бугарија, во врска со бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ,  јави Бугарското национално радио.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, министерот Логар изрази надеж дека по предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се формира влада со големо мнозинство, така што таа ќе работи, вклучително и на прашањето за Северна Македонија.

Тој истакна дека спорот мора да се реши меѓу двете земји и коментира дека една од земјите има резерви за Северна Македонија, што значи дека тие мора да бидат елиминирани и да се најде решение „да ги задоволи земјите-членки и да не го комплицира процесот на преговори, ниту пак ја отвора Пандорината кутија“.

Министерот Логар потсети дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле условите за почнување преговори и затоа следниот чекор треба да биде почнување на меѓувладина конференција со нив. Амбасадорот на Словенија во Софија денеска ги презентираше приоритетите на претседателството со второто словенечко претседателство со ЕУ, што почнаа вчера.