Шефот на државата им стисна лајк на помалите партии: Прагот е поважен од промената на изборен модел


Фото: Б.Грданоски

Поддршката за промена на изборниот модел како своевидна прва заложба на шефот на државата, Стево Пендаровски, во сферата на внатрешната политика очекувано предизвика задоволство кај најзаинтересираните за таа реформа – помалите политички партии кои мака мачат независно да стигнат до макар едно столче во македонскиот парламент. Нивната иницијатива доставена во изминатиот период до неговиот кабинет е во насока на создавање пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборните единици.

„Треба да има помал број изборни единици, без изборен праг или минимален праг на потребни гласови, кои би ѝ служеле на политичката застапеност во Собранието“, велат од кабинетот на претседателот, чија поддршка, случајно или не, се совпадна со најавите на премиерот Зоран Заев дека во случај летово да не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, можни се и предвремени парламентарни избори.

Темата не е нова, што значи дека за неа е многупати разговарано. Но за да има таква интервенција во Изборниот законик, јасно е дека е потребен политички консензус, за разлика од некои држави каде што изборниот модел е пропишан во Уставот на државата, за да не може која било политичка елита да посега по промени (Норвешка, Португалија).

СДСМ поддржува пропорционален изборен модел со отворени листи и како што велат, тоа е постулат и од нивната изборна програма.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои досега цврсто стоеја на ставот дека се за класичен мнозински систем на избори, велат дека очекуваат прво да има иницијатива во Собранието, за  потоа да излезат со конкретен став. И од ДУИ велат дека биле подготвени за дебата.

„Прашање е на политичките партии. ДУИ нема проблем ниту со една, со три или шест изборни единици. Сме ги разгледале овие можности и тие се помалку важни отколку одвивањето на изборниот процес“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Македонија има искуство со сите изборни системи, и со мнозински, и со пропорционален, и со комбиниран систем, но ниту еден од нив не ја наруши биполарната слика во парламентот. Она во што се согласуваат повеќето експерти е дека евентуалното воведување отворени листи ќе овозможи граѓаните да интервенираат во листите и да се изјаснуваат за кандидатите, а не само за партиите.

На тој начин, велат, листата ќе стане подвижна и нема да биде креирана само под диктат на партиското водство. Воведувањето на овој пропорционален модел со отворени листи, според нив, би значело поголема демократизација, би се обесхрабриле политичките елити да поставуваат на чело на листите личности што се со низок кредибилитет. Со тоа, велат, ќе се ограничи моќта на елитите.

Отворените листи и според поранешниот лидер на Либералната партија, Ивон Величковски, нудат можност граѓаните да си гласаат и за партијата што ја преферираат и за луѓето во партијата што сакаат да ги видат во собраниските столчиња. Но, како и во годините наназад, така и сега, тој не гледа искреност во намерата да се направи вистинска реформа. „Не би елаборирал нешто повеќе на оваа тема за која сè е кажано многу одамна. Ова е наменски подметната тема за да се покрие темата со датумот за почеток на преговорите со ЕУ“, вели Величковски.

Анализите на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, пак, покажале дека пропорционален модел со отворени листи и една изборна единица ќе донесе реален одраз на определбата на граѓаните, а во носењето на важните одлуки ќе учествуваат повеќе политички субјекти. Но и во ДС сметаат дека големите партии не се подготвени да создадат услови за еднакви изборни шанси за сите, односно губење на нивната монополска улога.

Поради предностите на пропорционалниот изборен систем, тој е застапен во 20 од 28 земји членки на ЕУ. Седумнаесет од овие држави го користат пропорционалниот модел и имаат воведено отворени листи, односно само Италија, Португалија и Шпанија имаат затворени листи.

Во изминативе години, јасно е дека изборниот систем им овозможуваше на најголемите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА да доминираат во парламентот. Воведувањето на една изборна единица, според експертите, драстично би го намалило бројот на залудно фрлени гласови и со тоа би се зголемила шансата за поголем политички диверзитет во Собранието.

Но, тука, како што велат, клучно е прашањето колкав да биде прагот. Ако има низок праг, се отвора можноста помалите партии да настапуваат самостојно и да освојат пратеничко место, а не како досега, да бидат дел од коалициите предводени од големите партии. Тоа можеби би придонело кон разбивање на големите предизборни коалиции и условниот бипартизам што тие го наметнуваат, сметаат експертите.

Во Македонија формално нема праг, но според Донтовиот модел, односно количникот меѓу бројот на гласачи што излегле на гласање и бројот на пратеници во изборната единица, тој праг се движи меѓу 4 и 5 отсто. Најнизок праг има во Холандија 0,67 отсто. Во Грција е три отсто, во Бугарија четири отсто, во Хрватска пет отсто, колку и во Германија, а највисок е прагот во Турција, 10 отсто. (Н.К.)

Фото: Б. Грданоски