Шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци: Газа е „пекол без крај“
Шефот на агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, денеска изјави дека централна Газа поминала низ „ноќ на ужасот“ откако биле нападнати болницата Ал Акса и училиштето на УНРВА.
Како што јави Ал Џезира, Лазарини рекол дека „Газа е пекол без крај“.
„Шатори се запалени по воздушниот напад на дворот на болницата Ал Акса каде луѓето бараа засолниште. Во меѓувреме, во истата област, беше погодено училиште на УНРВА, при што загинаа 20 луѓе“, рече Лазарини.
Тој додаде дека училиштето не може да се користи во кампањата за вакцинација против детска парализа, која почна денеска, бидејќи претрпе сериозни оштетувања во последниот израелски напад.