Шанса за Центар: „Треска“ ќе се бетонизира, зошто Герасимовски си го погазува зборот? 


 

Деновиве се објави дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот Треска. Со тоа се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи. Потсетуваме дека 47 отсто д целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година, обвинуваат од Шанса за Центар.

– Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи – велат од Шанса за Центар потсетувајќи дека предизборно градоначалникот Горан Герасимовски велел дека ќе го слуша гласот на граѓаните и дека никогаш нема да дозволи просторот да биде „наметната“ населба.

Затоа потсетуват дека „На 18.2.2020 година, Советот на општината донесе заклучок за урбанистичко решение по пат на објава на конкурс за локацијата на фабрика „Треска“, а според Законот за локална самоуправа и Законот за урбанистичко планирање. Подготвен е стручен елаборат за суспензија на применувањето на тогашниот Детален урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец. Во него се наведени сите елементи за суспендирање на планот, од неусогласеност со параметри и нумерички податоци со план од повисок ранг (ДУП контрадикторен со ГУП), непочитување на подзаконска регулатива, или нарушување на јавниот интерес.

„Во предизборната програма од 2021 актуелниот градоначалник ГГ вели: „Балансот, во деталните урбанистички планови е целосно нарушен, а јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание. Граѓаните немаат доверба во процедурите и Општината која во континуитет не го заштитува нивниот интерес, а граѓаните не можат да променат ништо. Ние целосно ќе ја смениме концепцијата на урбанистичко планирање и изградба“, потсетуваат од Шанса за Центар.

Затоа се прашуваат како по само година и пол владеење во Општина Центар, Горан Герасимовски се става над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабриката „Треска“.

„Герасимовски ќе остане запаметен и како човек кој го продаде државното земјиште во Треска кое можеше да се искористи за јавна намена – од детски градинки, игралишта и зеленило, до места за трафостаници и контејнери или друг јавен простор. Со овој чекор, трајно се запечатува можноста за поинакво решение на тој последен слободен простор во Центарот, кој да потсетиме, скоро 50 отсто е на граѓаните. Затоа го прашуваме, и тоа со неговите предизборни зборови: Зошто јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание? Јавно го прозиваме да објасни што му дава сила да игнорира и не спроведува одлуки на Совет“, велат од Шанса за Центар.

Од таму бараат да се почитуваат сите стандарди за хумано живеење и интересите на инвеститорите да бидат во рамнотежа со интересите на луѓето што живеат во таа урбана заедница.