„Шанса за Центар“: Општина Центар одбива да ги објави проектите од конкурсот за просторот кај „Треска“


Помина скоро година и 5 месеци откако жири комисијата составена од 9 члена ги објави резултатите од конкурсот за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката Треска, велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Од „Шанса за Центар“ обвинуваат дека општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите.

– Исто толку време општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите и како што тоа е ред, да ги поканат авторите јавно да ги објаснат своите визии како сметаат дека треба да се уреди последниот голем градежен простор во Центар. Во планот донесен кога на власт беше ВМРО, а кој оваа власт го смета за „важечки“ просторот е покриен со згради како наполитанки.

Условите во конкурсот бараа авторите да го проектираат овој простор на начин што приватните сопственици ќе добијат право на градба на згради, а општината ќе го задржи јавното земјиште и на него ќе организира јавен простор како парк и детска градинка.

Условите беа определени врз основа на претходната анализа на самата општина дека во целиот простор и сега недостасуваат градинки, а зеленилото е на ниво на статистичка грешка. Треска со ваквото планирање требаше да даде и зеленило и дополнителна вредност на целиот простор на Буњаковец, објавија од граѓанската иницијатива на Фејсбук.