Шанса за Центар: Како се станува директор на ПОЦ?


Граѓанската иницијатива Шанса за Центар остро реагира на нетранспарентното објавување оглас за работното место директор на Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар.

Оттаму реагираат дека се чини „прв и најважен услов за некој да стане директор на Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар е да чита дневен весник. Како инаку би дознал дека воопшто постои конкурс за тоа работно место“.

Во објавата на социјалните медиуми, Шанса за Центар споделуваат фотографија од дневен весник, потенцирајќи дека во два од дневните весници на 26 септември е објавен токму таков оглас, за избор на нов директор на ПОЦ. Рокот за поднесување на пријави е 7 дена.

„Интересно е што конкурсот го нема онаму каде што е и најочекувано, на интернет страницата на ПОЦ. Во делот за вработувања на нивната страница се објавени одлуки за избрани кандидати за советник за финансиски работи, за референт-архивар и за возачи на пајаци, но за нов директор нема ниту збор.

Никаква информација за огласот за највисоката позиција во единственото јавно претпријатие на општината нема ниту на страницата на Општина Центар иако конкурсот за местото го објавува токму нејзиниот градоначалник.

Пристигнатите пријавите пак ќе ги разгледува тричлена комисија составена од градоначалникот, така што ниту управниот, ниту надзорниот одбор на претпријатието не се вклучени во постапката“, укажуваат од Шанса за Центар.

Оттаму упатуваат повик до сите заитересирани за конкурсот за работното место директор на ПОЦ да се пријават на конкурсот што важи до денес, 2 октомври, но иронично потенцирајќи дека е речиси невозможно некој успее во тој рок да изработи Програма за работа и развој на претпријатието за период од 2022 до 2026 година.

„Случајот го опишува односот на раководството на Општина Центар кон општинските ресурси. Тие се резервирани за партијата и однапред избраните. Нема ниту обид за глумење на транспарентост“, алармираат тие.