Шанса за Центар: Блоковите од Градски ѕид заборавени од властите
Најголемиот венец од станбени блокови и кули изграден по земјотресот кој го формира големиот ринг во центарот на градот се „разјадува“ од негрижа и урбанистички решенија кои ја уништуваат структурата и функцијата на блоковите и маалата.
Кандидатите на Шанса за Центар – Група избирачи Јана Белчева Андреевска одржаа повеќе средби со граѓани по целата должина на Градски ѕид на кои добивме јасна слика за грижите и проблемите на жителите. Овие маала се едни од ретките со сѐ уште зачувани зелени и јавни простори и покрај повеќе обиди во минатото и тие да се нарушат со нови градби кои не биле предвидени во оригиналните планови. Во дел од маалата такви зафати веќе се преземени со што е одземен јавен простор и се создадени мноштво тесни грла и е влошен квалитетот на животот.
Во сите блокови преовладува впечатокот дека се заборавени од општината поради слабото и кампањско одржување на урбаната опрема, осветлувањето, детските игралишта и безбедноста. Се случува со години игралиштата и осветлувањето да бидат оштетени, но поправките доаѓаат најчесто само пред локалните избори.
Зеленилото и хигиената во и покрај блоковите исто така се одржуваат нередовно и во кампањи поради што насекаде има изумрени дрва и зеленило кои никој не ги отстранува и заменува со што претставуваат опасност за жителите и нивниот имот.
Системите за наводнување на голем дел од површините не функционираат.
Во сите блокови постои и голем проблем со паркинг просторот. Подземните гаражи често не се употребуваат за намената, туку , дел се затворени и заборавени од сопствениците или служат како магацински простор во кои и станари и фирми чуваат стока која некогаш служи и за прехранбени потреби и се чува во нехигиенски услови.
Засегнатите жители сметаат дека општината треба преку јавно-приватно партнерство заедно со сопствениците на гаражите да се вклучи во обезбедувањето и обновувањето на овие паркинг простори.
Шанса за Центар планира да ги регистрира сите паркинг места во општината вклучително и овие и да се заложи преку општинскиот совет да се реорганизира овој важен простор со што ќе се намали метежот кој секој работен ден се создава во блоковите.
Во блокот зад Домот на градежниците се вметнати повеќе нови станбени и нови возила кои повеќекратно го надминуваат капацитетот и заедно го задушуваат на просторот. Дополнително, во овој блок постојат уште вцртани, а неизградени згради за кои жителите сметаат дека дополнително ќе го одземат јавниот простор и уште повеќе ќе ја влошат состојбата.
Жителите на блокот позади објектот на Автомакедонија спроти Собранието веќе се оштетени од административните градби од проектот Скопје 2014. Ним, и покрај нивното противење им беше одземен паркот спроти хотелот Бристол, а новите градби ги затворија станарите во домови без дневна светлина и стеснети излези.
Сега во ова маало постои недоверба кон општината дека ќе дозволи и изградба на нова катна гаража и пробивање на улица внатре во блокот за да се овозможи приод за возила до административната зграда на ЕСМ (ЕЛЕМ). Дополнително, со лошото планирање е предвидено оваа улица да минува над плочник под кој има подземна гаража и скривници.
Шанса за Центар смета дека со тоа целосно ќе се уништи структурата на ова маало и преостанатиот јавен простор во блокот во кој има и детско игралиште и спортски терен и со тоа ќе се претвори во сообраќајница која ќе донесе нови возила и ќе ја загрозува безбедноста на жителите. Дополнително, неверојатно е да се планира ваква улица која треба да минува врз гаража и стратешки објект како скривница и тоа за административна градба која е изградена со промени во плановите преку ноќ поради што има проблем и околу самата легалност и не може да биде пуштена во употреба.
Во советот на општината ќе се залагаме оваа улица конечно да биде избришана од урбанистичкиот план, а ова е типичен пример зошто во урбанистичкото планирање уште во најраните фаази треба да биде вклучена јавноста и жителите од засегнатите заедници.
Жителите од блокот над Зеленото пазарче пак со години се жалат на голема нехигиена, небезбедност и недостаток на јавно осветлување. Овие проблеми не се соодветно третирани од страна на Општината и покрај тоа што ова подрачје поради близината на пазарот често е мета на грабежи и разбојници.
Сметаме дека во овој дел мора да се засили присуството на полицијата со отворање на истурено одделение на полициската станица Центар во просториите на месната заедница Робер Гајдиќ со што ќе се обезбеди постојано полициско присуство.
Исто така, клучно е целото подрачје да се дополни со квалитетно осветлување кое постојано ќе се одржува што ќе ја зголеми безбедноста на станарите и минувачите во вечерните часови. Ќе се залагаме и конечно да бидат обновени фасадите на старите згради кои се наоѓаат помеѓу пазарот и булеварот Кочо Рацин, а кои сега се во незавидна состојба.
Објектите од Градски ѕид се изградени во 60-те години на минатиот век и покрај нивната добра и издржлива градба веќе одамна е дојдено време за обновување на нивните фасади. Во сите блокови и кули се откачуваат плочки од фасадите и делови од бетонските конструкции со што постои сериозна опасност по минувачите и корисниците на јавните простори под зградите.
Се случува да се одронат цели блокови од плочки кои можат да нанесат тешки, а можеби и фатални повреди доколку некој минувач се најде под нив. Општината мора да испланира пристап кон овој проблем и да почне да го решава пред да дојде до некоја несреќа.
„Почитувани сограѓани, за да можеме да ги застапуваме овие проблеми во Советот на Општина Центар ни треба вашиот глас. Затоа, во недела на ливчето со советничките листи за Општина Центар заокружете го бројот 83 за Група избирачи Јана Белчева Андреевска“, порачуваат од Шанса за Центар.