Шаќири: Ќе бидеме единствена земја во регионот која го развива дигиталниот идентитет


Во банкарскиот и приватниот сектор веќе се развива дигиталниот идентитет, а во фаза на подготовка е и на порталот за електронски услуги, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири во Подгорица каде учествува на Дигиталниот самит на Западен Балкан.

– Ќе бидеме единствената земја во регионот која ќе го развие дигиталниот идентитет. Имаме склучено договор со „Мастеркард“. Според информациите што ги имам, „Мастеркард“ веќе во некои институции од банкарскиот сектор и од приватниот сектор го развива дигиталниот идентитет, а во фаза на вклучување е и на нашиот портал за електронски услуги, рече Шаќири.

Тој очекува следниот период и други компании од земјава да го применуваат дигиталниот идентитет, кој, како што посочи, ќе му овозможи на секој граѓанин да ги има сите услуги од јавните институции, приватни компании, банки и разни економски оператори на дофат на рака во секое време.

Земјава потпиша меморандум за разбирање со „Мастеркард“ за воведување на дигиталниот идентитет со кој на граѓаните им се овозможува преку нивниот мобилен телефон, со отворање на апликација, да го скенираат личниот документ со што повеќе не ќе има потреба да користат УСБ, токен и хартиени документи за идентификација.

Во однос на дигиталната трасформација, како што јави известувачот на МИА, Шаќири оценил дека земјава не заостанува од останатите држави. До крајот на годината очекува да се формира Агенцијата за дигитализација, која ќе ги развива сите дигитални услуги, а, како што најави, во 2022 година за петпати повеќе ќе се зголемат инвестициите во дигиталната трасформација.

– Имавме добар конструктивен состанок со министерот за финансии за подготовка на Буџетот за 2022 година. Ветено ни е дека 2022 година ќе биде година на дигитализацијата и во споредба со 2021 година, ќе се инвестира пет пати повеќе од она што е инвестирано во 2021. Значи, имаме многу работа, но со добра соработка на сите институции и органи на државна управа, предводени од Владата, побрзо ќе можеме да ја постигнеме целта, рече Шаќири.

Во делот на ддигитализацијата во изминатиот период, според Шаќири, инвестирано е во инфраструктурата, а во фаза на промена се и неколку закони.

Ова е втора посета на министерот Шаќири на Подгорица во последните четири месеци – по состанокот во јуни, каде започна бесплатен роаминг во шест земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.