Шаини демантира дека сопругата го организирала вооружениот напад

Чуден заплет добива случајот со пукањето во Куманово во кое што актуелниот претседател на општинскиот совет во Липково и кандидат за нов мандат, докторот Шаини , доби 4 куршуми но за среќа успеа да преживее. Лице кое очигледно се уште не е идентификувано со пиштол пукаше во неговиот автомобил. МВР првично ја осомничи сопругата и уште едно лице, но докторот денеска рече дека неговата сопруга не стои зад овој напад.
„Целосно го отфрлам како неосновано и невистина тврдењето дека зад овој случај стои госпоѓата Аријета Адили. Затоа барам од истражните органи под итно да ја објаснат ситуацијата со мојата сопруга, која е вмешана во овој случај од нивна страна, почитувајќи ја нашата семејна приватност, а посебно имиџот на госпоѓата Аријета Адили.
Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство, како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста. Барам од истражните органи, оние на редот, апелирам до нив да се зафатат со откривање на вистинскиот осомничен на случајот, а не овој настан да го прикажуваат како семејна расправија или недоразбирање. Бидејќи доколку навистина ќе беше така, како што се претставува во јавноста, јас никогаш не би продолжил да живеам заедно со мојата госпоѓа.Фала му на Бога, мојата госпоѓа заедно со моите ќерки се живи и здрави во мојот дом во село Слупчане“ – изјави докторот Шаини
МВР утрово испрати соопштение во кое потенцираше дека неговата сопруга сепак е поврзана со случајот.
„На 07.10.2025 полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско. Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес. По целосно документирање на случајот, против А.А ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.“ – се вели во соопштението на МВР
Обвинителството информираше дека ги добило кривичните пријави, но ниту една од нив не е за обид за убиство.
„Во врска со тој настан, до Основното јавно обвинителство Куманово денеска е доставена кривична пријава за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешна сопруга на оштетениот. Пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето се уште се проверуваат. Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија“ – се вели во објаснувањето од Обвинителството