Северна Македонија подготвена за преговори со ЕУ, позасилена борба против корупцијата
Северна Македонија со Договорот од Преспа со Грција се врати на патеката кон членство во ЕУ и НАТО. Претстои продолжување на внатрешната реформска агенда и посилна борба против корупцијата. Земјава е подготвена за почеток на преговори за членство во октомври, а доколку тоа не се случи, ќе се зголеми незадоволството во целото општество и засилување на ретрогадните сили во земјата.
Ова беа главните пораки на Панел дискусијата на тема „Националните перспективи на крајот на романското и во очекување на финското претседателство со Советот на ЕУ“ што се одржа денеска во Министерството за надворешни работи.
Романскиот амбасадор Виорел Станила, чија земја претседаваше со ЕУ во првите шест месеци од годинава, рече дека еден од приоритетите на Романија било проширувањето на Унијата кон Западен Балкан, а за таа цел биле одржани многу состаноци со претставниците на овие земји.
Станила порача дека земјите од регионот, треба да ги избегнуваат чекорите што ќе ги вратат назад на патот кон ЕУ, додека пак Унијата да ги исполни досега дадените ветувања, за да не се намали ентузијазмот за членство.
Финскиот амбасадор Кимо Лахдевирта, чија земја го презеде претседавањето со Унијата од Романија, рече дека Финска е пријател на проширувањето.
– Со постигнувањето на Преспанскиот договор со Грција, Северна Македонија се врати на патот кон членство во ЕУ и НАТО. Двете земји испратија силна порака во целиот регион, дека децениските спорови можат да бидат решени, врз основа на заеднички компромиси, рече тој.
Лахдевирта оцени дека денес Северна Македонија има добри односи со сите соседи и сега е време да се посвети на внатрешните реформи и помирувањето на политичка и етничка основа.
– Се надеваме дека фокусот ќе биде на овие работи во иднина. И прашањето што е од клучна важност не само за Северна Македонија, но и за целиот регион, е отворањето на преговори за членство. Се надеваме дека тоа ќе се случи во октовмри, и Финска како претседавач со ЕУ ќе поддржи отворање преговори за членство со Северна Македонија, но одлуката ја носат земјите-членки, рече Лахдевирта.
Тој порача дека напредокот кон членство во ЕУ зависи од реформите, а најважни се оние во областа на владеење на правото. Северна Македонија, рече финскиот амбасадор, многу вложи за да ги подобри работите во таа област, но важен е широк национален консензус за овие реформи да успеат.
– Заедничките вредности на ЕУ како што е слободата на медиумите, владеење на правото, транспарентноста, еднаквите права, независното судство, се поткопани од корупцијата, и затоа е од голема важност да продолжат антиокорупциските активности, рече тој.
Според Лахдевирта, Извештајот на ЕК, кој посочи дека земјава многу направи и во областа во слободата на говорот во изминатата година, е одлична вест, имајќи предвид дека слободата на медиумите е најпроблематична во земјите-кандидатки. – Уште еден значаен развој е дека претседателските избори беа спроведени одлично, и тоа покажа дека земјава може да го обнови политичкиот систем и да се врати на вистинската патека, посочи тој.
Сепак, додаде финскиот амбасадор, како најважно подрачје на кое треба да се работи останува борбата против корупцијата и организираниот криминал и тука треба да се покажат резултати.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето на собирот рече дека земјава е каандидат за членство веќе 14 години и дека досега се изгубени генерации, решавајќи го проблемот со спорот со името со Грција.
– Влогот за ЕУ е висок, но и заеднички – на самата Унија и Регионот, на земјите кои испорачуваат резултати. Ние изгубивме генерација заглавени во лавиринтот на еден политички спор. Но, направивме и целосно свртување во правилна насока. Зашто сега, повеќе од секогаш, сме свесни за временскиот притисок, за она што уште треба да се направи за да се сочува надежта на младите и на сите наши граѓани. Дали сме спремни да станеме членка денес? Не сме. Но, дали сме спремни да го почнеме патувањето на неповратна демократска трансформација со почеток на пристапните преговори сега? Апсолутно да. Со целосно разбирање дека ова е процес каде патувањето е поважно од целта, порача Димитров.
Во однос на вчерашните случувања на новоотворениот случај на Јавното обвинителство „рекет“, Димитров рече дека тоа покажува оти системот за справување со злоупотреби е активен, од каде и да потекнуваат таквите злоупотреби.
– Се што се обелоденува дека е правено погрешно, е добра вест, додаде во тој контекст Димитров.
Вицепремиерот Бујар Османи рече дека Европската Унија е единствената алтернатива за земјава.
– Нашите очекувања се јасни. Северна Македонија ќе го комплетира првиот дел од маратонот во октомври и преку одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговори ќе влеземе во втората, попредвидлива фаза, од интеграцијата во Унијата, рече Османи.
Вицепремиерот оцени дека доколку земјава не добие датум во октомври, тоа ќе го зголеми незадоволството на сите нивоа во општеството и ќе претставува неуспех на проевропските политичари, а ќе ги засили и ретроградните влијанија, што, како што рече, отсекогаш се присутни на Балканот.
Османи оцени дека доколку Северна Македонија добие датум за време на финското претседателство со Советот на ЕУ, тоа ќе претставува посебно место во нашата историја.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека земјава веќе го почна патот кон ЕУ со објаснувачкиот скрининг, што, како што истакна, ќе го скрати времето кога ќе почнат преговорите за членство.
Тој истакна дека од реформите најголем бенефит ќе имаат самите граѓани и оти целта не треба да биде земјава да влезе во ЕУ, туку Европската Унија да ја донесеме тука.
Жбогар порача дека е неопходно земјава да продолжи да испорачува реформи, а најклучни се владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Панел дискусијата е организирана од Амбасадата на Романија во Скопје, Амбасадата на Финска во Белград и Институт за демократија „Социетас цивилис“.