Северна Македонија и Европската Комисија очекуваат датум за преговори во јуни
Европската Комисија во своите извештаи вчера им препорача на земјите членки да ги започнат преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија што поскоро, идеално во јуни, јави дописничката на МИА во Брисел.
-Комисијата препорачува Советот сега да отвори преговори со Северна Македонија. За да се поддржи континуираниот реформски моментум, Комисијата би применила засилен пристап за преговарачките поглавја за судството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во заклучокот на Европската Комисија за Македонија.
Во извештајот европската извршна власт потврдува дека земјата направила доволен напредок во условите поставени минатата година од страна на земјите членки на ЕУ, односно судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација и разузнавачките служби.
Еврокомесарот Јоханес Хан вчера ги повика земјите членки да го сработат својот дел од работата и да испорачаат датум за преговори во јуни.
-За да остане кредибилна, Европската Унија мора да ги исполни своите заложби, кога земјите партнери ги исполнуваат своите, порача вчера Јоханес Хан, а македонскиот пример го нарече „блескав“ и „сведоштво“ за моќта на привлечност на ЕУ во регионот.
Очекувањата кон Северна Македонија, оцени Хан, не треба да бидат изневерени, бидејќи тоа би можело да доведе до опаѓање на граѓанската поддршка за ЕУ не само во Македонија туку и во целиот регион.
Дополнително, Хан потсети дека Северна Македонија е сега единствената земја во регионот без ниту еден билатерален спор со своите соседи откако ги постигна договорите со Грција и Бугарија.
Европската Комисија, како и Северна Македонија, сметаат дека земјите членки не треба да ја одлагаат одлуката за почеток на преговори, и дека таа треба да се донесе во јуни, како што е предвидено. Ненаградувањето на постигнатиот прогрес би можел да ја доведе во опасност и политичката стабилност во земјите од регионот, истакна вчера потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.
-Советот треба да го преземе својот дел од одговорноста, работевме темелно врз основа на достапните податоци, што ни овозможи да дадеме јасна препорака, сега е важно Советот да донесе конзистентна одлука која ќе му даде кредибилитет на процесот, изјави Могерини на прес конференцијата вчера.
Освен за Северна Македонија, Европската Комисија препорача старт на преговорите и со Албанија, иако речникот кој се користи за оваа земја е нијанса помалку позитивен од оној за Македонија. Имено, додека за Албанија се наведени дополнителни забелешки околу борбата против корупцијата и политичкиот дијалог, заклучокот за Македонија е сосема чист.
Сепак, за Хан и Могерини ова не треба да биде сфатено како разлика во пристапот кон двете земја и дека препораката “кристално јасна„ за двете земји.
-Нашата порака е јасна, јасно рековме дека му препорачуваме на Советот да отвори преговори со двете земји во најбрзо време, сега одлуката е кај земјите членки. Двете земји се подготвени, рече Могерини и уште еднаш нагласи дека станува збор за процес на преговори а не за членство во ЕУ.
Разликите во речникот, рече таа, се должат на разликите во ситуациите во двете земји, но дека целта е истата – старт на преговорите со ЕУ.