„Северен тек 2“ исполнет со технички гас

Првата линија на гасоводот Северен тек 2 е исполнета со технички гас и подготвена за транспорт, објави во понеделникот компанијата што ќе управува со испораките на руски гас во Европа која се соочува со енергетската криза.
Околу 177 милиони кубни метри технички гас се впумпани во цевките потребни за одржување на притисок кој сега изнесува 103 бари, објави операторот на гасоводот со седиште во Швајцарија.
„Притисокот е доволен за идниот транспорт на гас“, посочуваат тие и додаваат дека започнале подготовки за пуштање во употреба на втората линија.
Гасоводот сега чека дозвола од германските регулатори, а процесот на издавање може да потрае неколку месеци, забележува Ројтерс.
Се очекува „Северен тек 2“ да ги удвои испораките на Русија во Европа на 110 милијарди кубни метри. Гасоводот беше финансиран од руски „Газпром“, а негови партнери се австриски ОМВ, француски ЕНГИЕ, британски „Шел“ и германските компании „Унипер“ и „Винтершал деа“.
Соединетите држави се спротивставија на овој гасовод, тврдејќи дека тоа ќе ја зголеми зависноста на Европа од руската енергија. Завршните работи се одолговлекоа, а Европа се соочи со недостаток на гас оваа есен поради големата побарувачка од економијата, која закрепнува од корона кризата.
Цените на гасот нагло пораснаа, а Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и некои членови на Европскиот парламент ја обвинија Русија дека не вложува доволно напори за да го зголеми снабдувањето со Европа.
Во меѓувреме, Москва ги отфрла обвинувањата и вели дека „Северен тек“ може да го намали притисокот врз европскиот пазар на гас.