„Севда“ со Васил Хаџиманов и Божо Вреќо нè расплака во Филхармонија: Од љубов не се бега


Фото: М. Аргакијева

Цел Балкан се сплоти синоќа во Филхармонија во име на љубовта. Севда и на сцена и во публика, според насловот на турската народна песна. Преполната сала, со респект, два часа, уживаше во симфонискиот звук на балканските љубовни рефрени , влезени во колективната меморија на нашите народи и народности, песни на кои сме се вљубувале, сме се разделувале, сме се радувале, сме плачеле, сме растеле, сме старееле или не испраќале од овој свет.

Синоќа, освен како диригент беше и аранжер на љубовните рефрени.- Дијана Имери-Илкоска/ Фото: М. Аргакијева

Српскиот пијанист Васил Хаџиманов, со богатото музичко наследство на својот татко, единствениот Зафир Хаџиманов, и бисерниот глас на босанскиот пејач на севдалинки Божо Вреќо, за кој пишуваше и „Њујорк тајмс“ , под диригентската палка на младата и самоуверена Дијана Имери- Илкоска, моќно и со душа не потсетија на легендарните песни на Зафир Хаџиманов, Јадранка Стојаковиќ, Шабан Бајрамович, Тома Здравковиќ, Нина Спирова, Сафет Исовиќ, Александар Сариевски, Даворин Поповиќ, … 

Заедно со оркестарот на Филхармонија и шестчлената вокална група, публиката синоќа имаше  уникатно музичко патување со „Жуте дуње”, „Да зна зора”,  „Ко ли ночас милује ти косу”, „Tuke kamerav” , „Кажи, кажи либе Стано”,  „Сношти сакав да ти дојдам”, „Ne bankat shkollore moj mike”, „Ајде дали знаеш, паметиш Милице”, „Од љубов не се бега”, „Што те нема”, „Свирајте ми тихо, тихо”, „Севда”…

Скопје на најубав начин, го прослави Денот на вљубените, а дотераните дами од публиката коментираа  дека концертот е поубав подарок, наместо букет цвеќе. (Л.С.)